Обвинителката во завршните зборови на судењето за Вања и Панче: Убиство на дете е сурово и монструозно
Судењето за грозоморните убиства влезе во завршната фаза. Тие се директен напад врз човечноста и општеството, рече обвинителката Жаклина Крстевска-Јосифовска
„Убиство на дете не е само чин на суровост и бруталност туку директен напад врз човечноста и општеството“, рече обвинителката Жаклина Крстевска-Јосифовска во завршните зборови на судењето за убиствата на Вања и Панче, што се одржува денеска.
Обвинителството смета дека нема никакво оправдување за убиство на невино дете, кое не им сторило ништо на обвинетите Љупчо Палевски – Палчо, Влатко Кешишев, Боре Видевски, Велибор Манев и таткото на Вања, Алексндар Ѓорчевски.
„Ниту еден од обвинетите по убиството на Панче не реагирал како суштество за да се прекине тоа, напротив продолжиле кон дете, деветто одделение, со ранец, дете кое ниту на сон не им згрешило на обвинетите“, рече Крстевска Јосифовска.
Таткото ѝ бил омилен на Вања, раскажа обвинителката. Таа дури и му посветила состав на училиште со наслов „Најдобар татко“. Од првите моменти тој се однесува чудно, со колата тргнува сам да ја бара Вања, без притоа да праша како е и каде е другото дете Миња, се чуди таа.
„Убиство, особено убиство на дете не е само чин на суровост и бруталност. Тој е директен напад врз човечноста врз општеството. Тоа е дело кое не остана простор за рамнодушност, тоа е чин кој не може да се оправда. Со секој таков чин се уништува не само едно мало суштество, туку и вербата во добрината, во правдата… Сторителите на злоделата не заслужуваат само правна туку и длабока морална осуда. Од секој поединец, од секоја заедница од цело општество. Тие ја прекршуваат не само буквата на законот туку и суштината на човековото битие“, рече овбвинителката.
„Морбидните настани ја потресоа македонската пошироката јавност, вчудоневидени дека од една мала држава може да се случат вакви тешки злодела.
Вања ја убиле така ладнокрвно, свирепо со монструозен план. Се надевале дека никогаш нема да биде најдена, оставаќи ја закопана во дупка покриена со разни предмети.
Нема ли грам совест, ни човечност ни родителско чувство. Сите четворица обвинети имаат и свои деца, на кои со грабнување и убивање сакале да им обезбедат удобен, пристоен живот, да им купат станови, да им прават свадби, да се веселат со најмилите“, поентираше обвинителката.
Поминале доволно денови по убиството на Панче Жежовски од Велес. Ниту еден од обвинетите не презел дејствија со кои би покажале реакција за човечко суштество, што според неа е недозволиво.
Биле сигурни и убедени дека нема да ги откријат за грабнувањата и убиствата па се впуштиле кон грабнување и убиство на 14-годишно дете кое оди со ранец на училиште. Дете кое било деветто одделение и требало да заврши основно училиште и да продолжи во средно. Невино дете кое ниту на сон не им направило ништо на четвроицата обвинети“, се дел од завршните зборови на обвинителката Жаклина Крстевска-Јосифовска на денешното рочиште.
Претходно, адвокатот на обвинетиот Боре Видевски, Бојан Манев, не успеа да ја обезбеди снимката од бензинската пумпа „Макпетрол“ во Велес, за која тврдеше дека го покажува убиениот Панче Жежовски на 22 ноември 2023 година околу пладне, што го доведуваше во прашње денот на убиството на Панче, кој според обвинението е убиен утрото на 22 ноември.
Судијата Ивица Стефановски го праша адвокатот на Боре, Манев, дали го обезбедил видеото од бензинската пумпа на „Макпетрол“.
„Не го обезбедив поради немање технички можности. Не го најдов доказот“, рече Манев.
Обвинителката беше прашана од судот за видеото, дали тоа видео воопшто постои како доказ. Таа рече:
„Не постои видеозапис од бензинската ‘Макпетрол’, на кој се забележани обвинетите или оштетениот. Од таа причина по доставеното барање за доставување податоци, прибавен е и прегледан видеозаписот, но не е доставен како доказ, оти на него ги нема предметните лица“.
Судијата рече дека штом доказот не е обезбеден, а одбраната мора да го обезбеди, тогаш не се прифаќа.
Откако никој друг немаше да приложи други докази, судијата ѝ даде збор на обвинителката која почна со завршните зборови.
По 10 месеци судење и триесетина рочишта денеска во Основниот кривичен суд во Скопје со завршните зборови на јавните обвинителки Жаклина Крстевска-Јосифовска и Ана Стојковиќ-Димитровска почнува последната фаза од судењето за бруталните убиства на 14-годишната Вања Ѓоревска и 74-годишниот Панче Жежовски.