Образование по мерка на бизнисот – компаниите кажуваат каков кадар им треба (видео)


Ученици во Средно медицинско училиште, Фото: Б. Грданоски

Младите се иселуваат, а компаниите немаат доволно нова работна сила, апа затоа денеска на конференцијата „Дефинирање на улогата на Здруженијата во рамките на Стопанската комора во креирање стручно образование и обука по мерка на бизнисот“ во организација на Стопанската комора, сите заедно ќе се обидат да најдат начин да ги инспирираат младите стручно да се оспособат за да можат да работат во домашните комапнии. 

– Еден од приоритетите на Стопанската комора отсекогаш било образованието по мерка на бизнисот, затоа што на компаниите и е потребен квалитетен кадар, стручен кадар, којшто моќже веднаш да премине од училишната во работната средина и да одговори на потребите и на сите технолошки процеи и промени коишто се случуваат и се соочуваат компаниите. Но, ако имаме стручно образование коешто треба да биде квалитетно, а има своја специфика потребно е сите чинители да бидат учесници во креирањето на стручното образование, но главниот правец треба да го даде бизнисот, а образовните институции да бидат тие коишто веднаш ќе излезат во пресрет во креирање на разни програми за образование и стекнување квалификации од страна на учениците. Токму затоа ја организиравме оваа трибина улогата на бизнис заедниците, групациите во рамки на Стопанската комора и на останатите комори коишто треба да ја имаат улогата во креирањето на стручното образование – рече Наташа Јаневска од Стопанската комора, пред почетокот на трибината.

Министерката за образование Весна Јаневска најави дека во оваа насока при крај е изработката на законот за средно стручно образование со кој ќе се придонесе за подобри услови за учениците.

– Ќе имаме средба со бизнис заедницата која е исклучително значајна во градење на кадрите кои ќе бидат спремни за пазарот на труд. Стручното образовнаие е од исклучителна важност затоа што е познато дека имаме недостаток на работна рака, имаме иселување на нашите млади луѓе. Ова е една можност да ги подобриме условите да останат во сопствената земја и да придонесуваат. Со задоволство ќе ги слушнам сите потреби на комапнаиите за да можеме да го подобриме, да го доразвиеме стручното образование. Дополнително во тој правец во моментов е при крај законот за средно стручно образование во кој кончено ќе ги решиме системски и дуалните паралелки – рече Јаневска.

Трибината „Дефинирање на улогата на Здруженијата во рамките на Стопанската комора во креирање стручно образование и обука по мерка на бизнисот“ во организација на Стопанската комора е во тек.