О’Брајан: Во овој процес кон ЕУ никој не става вето на никого
Да развијат механизми како целите што ќе ги зацртаат да се остварат и дека практично ветото ќе стане мислена именка меѓу земјите од Западен Балкан
Помошник државен секретар за европски и евроазиски прашања на САД, Џејмс О’Брајан, на обраќањето пред лидерите од Западен Балкан порача дека ако некоја од земјите во регионот сака да ги забави реформите, може да го направи тоа и за таа политика ќе решат граѓаните таму. Но, ако сака да блокира други во евроинтеграцијата, тоа нема да пројде.
-Во овој процес никој не става вето на никого.Сите работат сами и никој не може да ги забави. Ако некои земји сакаат да чекаат, нивните граѓани треба да решат за тоа, рече Џејмс О’Брајан.
Генерално тој оцени дека САД одамна ја поддржуваат евроинтеграцијата на земјите во регионот и таа никогаш не била поблиска за нас. Она што дава надеж, според него, е дека ЕУ знае да се иновира и дека со новиот План за раст за Западен Балкан овозможува, ако ја завршиме практичната работа, граѓаните да имаат бенефит од тоа.
Тој потоа посочи што практично треба да работат и да решат денес учесниците на состанокот, набројувајќи две цели.
Првата цел, според него, е да ги индетификуваат специфичните иницијативи што ќе бидат видливи и корисни за бизнисите во регионот , посочувајќи ги тука заедничката платежна област и зелените коридори. Според него, досега камионите од регионот трошеле 80 отсто од времето за транспорт за чекање на границите на Западен Балкан и, иако има напредок, треба да се понудат нови решенија како состојбата да биде уште подобра.
Втората цел, според него, е да развијат механизми како целите што ќе ги зацртаат да се остварат и во тој контекст го кажа ставот дека практично ветото ќе стане мислена именка меѓу земјите од Западен Балкани, односно дека нема да се дозволи да се повтори тоа што и го прави Бугарија сега на Македонија ако некоја од земјите во регионот отиде понапред во процесот.
Герт Јан Копман, генерален директор за соседство и преговори за проширување во Европската комисија, рече дека Планот за раст за Западен Балкан може да ја смени „играта“ во регионот и дека ќе го забрза движењето кон ЕУ. Тој рече дека денес ќе зборуваат главно за заедничкиот пазар што треба да доведе до удвојување на економијата на регионот, со порака дека не чека тешка работа бидејќи тој процес е комплексен. Притоа тој нагласи дека ЕУ ќе ни помогне да се интегрираме меѓу себе за да можеме да се интегрираме во ЕУ и дека овие две нешта мора да се одвиваат паралелно- бидејќи тоа е услов содржан во Планот за раст за Западен Балкан.
И тој нагласи дека никој не ќе може да го блокира соседот заошто така ќе си го блокира и сопствениот пристап таму.Меѓу целите што треба да се подобрат со планот тој ги спомена синџирот на снабдување и олеснувањето на трговијата со зелените коридори, забележувајќи дека само лани биле заштедени 20 години чекање на границите во регионот и дека треба да биде уште подобро. „Понудата е тука и ние сме целосно решени да ја оствариме“, рече Копман, инаку креатор на планот. (Н.В.)