О’Брајан: Ако не ги изгласате уставните измени ѝ вртите грб на историјата

Американскиот функционер вели дека не би гласал за некого „имам подобра понуда, но нема сега да ти кажам што е – тоа е личност од која не би купиле автомобил“, мислејќи на ставот на ВМРО-ДПМНЕ за уставните измени


 

Помошник-државниот секретар на САД за Европа и Евроазија, Џејмс О’Брајан денес изјави дека „има понуда на маса“ со уставните измени, но ако некој ви вели дека „имам подобра понуда, но нема сега да ти кажам што е – тоа е личност од која не би купиле автомобил“. Во интервју за „360 степени“ на МРТ 1 тој додаде дека „мислам и дека не би требало да гласате за нив, исто така. Но, тоа е избор кој го прават гласачите овде. Јас не гласам овде. Луѓето може да изберат што сакаат“.

Според него, важно е Македонија да изнајде начини за да се движи напред и дека единственото решение е да се реши прашањето за уставните измени. 

„Има понуда на масата, треба да ја земете. Ако не ја земете, ѝ вртите грб на историјата, искрено. Тој пат може да изгледа задоволувачки, но тоа ќе ја чини вашата економија, ќе причини повеќе луѓе да сакаат да ја напуштат земјата и, генерално, ќе ја уназади земјата. Она што ми се допадна во земјата кога првпат дојдов пред речиси 30 години е колку сите беа нестрпливи да бидат дел од овој поголем проект наречен ЕУ. Ги охрабрувам сите политички лидери да ја земат оваа можност“, вели О’ Брајан.

Околу ставот на ВМРО-ДПМНЕ дека нема да поддржат уставни измени под бугарски диктат и дали има шанси за интервенции во Преговарачката рамка, О‘ Брајан вели дека нема да има подобра понуда.

„Јас мислам… Не. Видите, има понуда на маса. И ако сакате да знаете за некого кој е и како ќе постапува кога ќе биде на власт, видете како ќе реагира на таа понуда. Ако тие велат, на многу јасен начин, еве ја алтернативата и верувам дека таа е прифатлива за другите, тогаш можете да процените дали се во право или не. Ако велат – имам подобра понуда, но нема сега да ти кажам што е – тоа е личност од која не би купиле автомобил. Па, мислам и дека не би требало да гласате за нив, исто така. Но, тоа е избор кој го прават гласачите овде. Јас не гласам овде. Луѓето може да изберат што сакаат, нагласува О‘ Брајан.

Тој повтори дека САД ги поддржуваат аспирациите на Македонија за ЕУ и мисли дека мнозинството граѓани сака да е дел од Европа.

„Некои политички структури мислат поинаку, некои можеби добиваат пари од некои места, некои имаат легитимни аспирации на малцинското гледиште. Но, мислам дека мнозинството сака да е дел од Европа и ние го поддржуваме тоа. Овој конкретен компромис, мислиме дека е само дел од тоа како една држава станува целосно европска. САД не се членка на ЕУ, како што редовно не потсетуваат, но ЕУ е изградена на компромиси“, рече О‘ Брајан. 

Прашан за заминувањето на американскиот државен секретар Ентони Блинкен од Скопје пред доаѓањето на рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров, тој негираше дека тоа е порака од Вашингтон до Москва.

„Не. Тоа е порака дека секретарот Блинкен мислеше оти е важно да го измести распоредот, да биде сигурен дека ќе биде овде и да покаже поддршка за ОБСЕ и за претседавањето на министерот Османи. Единственото расположиво време, меѓу состанокот во НАТО и состанокот во Израел, каде се обидува да помогне во тамошниот конфликт, беше да допатува вчеравечер. Не знам зошто министерот Лавров реши да се појави толку доцна“, рече О’Брајан.

Тој оцени дека Министерскиот совет на ОБСЕ е успешен и дека една од работите што провејувала низ сите коментари денес е колку добро Македонија се справила со претседавањето со оваа организација.

„Министерот Османи три пати беше во Украина, ги посети и останатите места каде има конфликти. Значи, ОБСЕ има специфична мисија, станува збор за човекови права во општествата кои се дел од ОБСЕ и тоа треба да се рефлектира на правото на мир. Руската инвазија врз Украина е гротескно прекршување, континуираната окупација на Грузија и Молдавија е прекршување на овие основни права, но исто така, се сведува и на нештата кои секојдневно влијаат на граѓаните – да се венчаат со кого сакаат, да не бидат во затвор поради политичките уверувања, да не бидат жртви на трговија со луѓе – низ целиот регион – од Централна Азија до Европа, ОБСЕ е клучен дел во разговорот за овие права и во нивна заштита. Министерот Османи заврши одлична работа во зачувувањето на функционалноста на ОБСЕ и во спроведувањето на најзиниот мандат. Ова беше потврда на тоа колку добро државата помина во изминатата година и во подготовката за 2024 година. Мислам дека имаме аранжман кој ќе ѝ овозможи на ОБСЕ добро да функционира во наредниот период“, рече О‘ Брајан.