Објектот на поранешен „Мекдоналдс“ во Аеродром останува, но треба да се уреди


Поранешната пицерија во паркот „Авионче“ (Фото: Б. Богдановска)

Општина Аердором денеска соопшти дека се отстранува дел од објектот на „Дежа ву“, односно затворената тераса, која неколку години функционираше и како игротека, па ги прашавме што се случува со објектот на поранешен „Мекдоналдс“ од другата страна на булеварот. 

Од таму одговорија дека објектот е во приватна сопственост, но дека даден е налог за уредување на просторот.

– Поранешен „Мекдоналс“ е приватна сопственост, на приватно земјиште, со запишан објект во имотен лист. Даден е налог за уредување и чистење на просторот- ни одговорија од Општина Аеродором.

Имено, по затворањето на „Мекдоналдс“, во 2016 година во овој објект беше отворен „Тренд Гастро бар“, кој пак подоцна беше времено затворен од УЈП поради неиздавање фискални сметки. Веќе неколку години не функицонира ни овој објект, кој ја нагрдуваше сликата на општината. Во последно време неколкупати може да се видат работници кои изнесуваа инвентар од барот и го расчистуваа проторот, но непријатната слика и понатаму е видлива. 

Исто така, веќе неколку месеци празен е и угостителскиот објект во паркот „Авионче“, зад кој беа поставени тобогани за играње на децата, но и тие се отстранети.

– Објектот кај „Авионче“ ќе биде предмет на закуп, се чека конституирање на Советот, по што ќе почне процедура – одговорија од Аердором.

За поранешната сендвичарница во блзина на ООУ „Лазо Ангеловски“, во близина на куќичката за наплата на ЈСП, до која љубителите на кучиња, направија импровизирани легла за бездомните кучиња , од Општина Аеродром велат дека ќе „биде проверено и спроведена соодветна постапка“.(Б. Б.)