Објавени листите за изборите во Србија, главната опозиција ќе бојкотира


Републичката изборна комисија (РИК) на Србија ги прогласи 16-те изборни листи од вкупно 22 кои имаат доставено потписи со поддршка на граѓаните. Со тоа познати се партиите и коалциите кои ќе учествуваат на парламентарните, покраинските и локалните избори закажани за 21 јуни и оние кои ќе ги бојкотираат.

Меѓу оние што ќе учествуваат на изборите се и Демократската партија на Македонците, Движењето на слободни граѓани на Срегеј Трифуновиќ, коалицијата на Чедомир Јовановиќ, партијата на поранешниот премиер Зоран Живковиќ – Нова, како и партијата на политичарот од Војводина, Ненад Чанак.

Откако РИК ги објави листите стана јасно кој од опозицијата ќе ги бојкотира изборите – тоа се партиите собрани во блокот Сојуз за Србија: Демократската партија, партиите на Драган Ѓилас и Борис Тадиќ, десничарската Двери, Народната партија на Вук Јеремиќ и движењето „Да не го давиме Белград“. Некои од нив ќе учествуваат на локалните избори во одредени општини.

За да се зголеми излезноста на изборите, беше намален прагот за влез во Собранието од пет на три отсто. Изборите ќе се одржат на 21 јуни, а избирачките места ќе се отвораат во 7.00 часот и ќе се затворат во 20.00 часот.