Објавена снимка од „Титан“, во секунда настанала паника, пилотот изгубил контрола: „О, Боже…“

Документарецот на Би-би-си објавен минатата година ги прикажува паничните моменти во подморницата Титан


Документарецот на Би-би-си, објавен минатата година, ги прикажува паничните моменти во подморницата „Титан“ по застрашувачки дефект. Патниците накратко биле заглавени на дното на океанот за време на едно нуркање на подморницата на OceanGate кон потонатиот брод „Титаник“.

Речиси четири километри под површината на морето во северниот дел на Атлантикот дошло до дефект во погоните на подморницата, при што пловилото почнало да се врти во круг, пишува Дејли мејл.

Сцените беа прикажани во документарниот филм „Take Me to the Titanic“, а на снимката се слуша гласот на пилотот Скот Грифит кој вели: „Нешто не е во ред со погоните. Притискам и ништо не се случува’. Еден патник ја фатил за глава, додека други во агонија чекале помош.

– Одиме во кругови? О, Боже – вели Грифит во еден момент додека подморницата се приближува до остатоците.

Тој им објаснил на патниците дека еден од погоните турка напред, а другиот назад.

– Мислев дека е крајот, дека нема да успееме. Не можеме никаде да одиме освен да одиме во круг – вели патничката Рената Рохас за Би-би-си.

Членовите на екипажот беа принудени да чекаат на дното на океанот додека извршниот директор на OceanGate Стоктон Раш работеше на изнаоѓање решение.

Во подморницата имало и научник кој го прашал Грифит дали знае што предизвикува проблеми со погоните.

– Тие заменија еден од нив, одговори Грифит, а научникот понатаму праша:

– Значи го монтирале на погрешен начин? Мислам, тоа е еднонасочен погон, нели?, гласеше прашањето.

Тогаш пилотот, видно изнервиран, одговорил: „Да, требаше, но нешто се случи“.

На крајот, на пилотот му беше наредено да го репрограмира контролорот за видео игри што го контролира пловилото и успеа да ја преземе контролата над подморницата.

Патниците и екипажот можеа да ги видат остатоците од „Титаник“ по драмата што ја доживеаја кога пилотот изгуби контрола над бродот.

Да потсетиме, Стоктон Раш и уште четири лица – милијардерот Хамиш Хардинг, пакистанскиот бизнисмен Шахзада Давуд и неговиот син Сулејман и францускиот океанограф и експерт за Титаник Пол-Хенри Наргеолет загинаа на 18 јуни во експлозија на подморница додека патуваа кон потонатиот брод.

По инцидентот, голем број експерти за нуркање и поранешни вработени во OceanGate се огласија, обвинувајќи ги Раш и компанијата за игнорирање на повеќекратните предупредувања.