Објавен е романот „Загубени во слободата“ од бугарскиот писател Владимир Зарев

Издавачката куќа Или-Или во едицијата ПРОаЗА го објави романот „Загубени во слободата“, најновата објава на реномираниот бугарски писател Владимир Зарев. Преводот од бугарски е на Бранислав Мирчевски а објавувањето на книгата е поддржано од „Национален фонд-Култура“ на Република Бугарија.
Во својот најнов роман, „Загубени во слободата“, големиот бугарски писател Владимир Зарев маестрално вплетува две временски линии – современата и средновековната – за да проговори за најдлабоките прашања на човечкото постоење: слободата, моќта, насилството и верата.
Еден монах во 15. век и еден новинар во време на глобална пандемија се огледала еден на друг, иако разделени со векови. Домот станува затвор, телото – бојно поле, љубовта – заложник, а Бог и вирусот – неочекувани владејачи на секојдневието. Зарев продира во суштината на човечката природа, истражувајќи како различни облици на власт – политичка, духовна, егзистенцијална – ја обликуваат нашата идеја за слобода.
По романите „Пропаст“ и „Чудовиштето“ ова е трет роман од Владимир Зарев објавен во едицијата ПРОаЗА на Или-Или.
Владимир Зарев (1947) е современ бугарски писател роден во Софија. Работи како универзитетски професор по бугарска литература, а од 1973 г. е уредник на одделот за белетристика на списанието „Современик“. Романите му се преведувани на многу светски јазици, а Пропаст (ИЛИ-ИЛИ, 2019) по дванаесетте изданија во Бугарија стана бестселер и во Германија и САД. По романот е снимен филмот „Времето е наше“.
Добитник е на државните награди „Иван Вазов“ и „Елин Пелин“. Во 2017 г. ја добива Државната награда „Св. Паисиј Хилендарски“ за исклучителен придонес ва развојот на националната културна идентификација и духовни вредности.
Автор е на романите: Демонот на нетрпеливоста ( 1975), Процес (1984), Загар (1987), Лето 1850 ( 1988) , Пропаст (2003), Поп Богомил и совршенството на стравот (2005), Чудовиштето ( 2019), на трилогијата: Битие (1978), Исход (1983) и Закон (2012), како и на повеќе поетски книги.