Објавен е оглас за субвенционирање инвертор клима уреди за социјално ранливи граѓани

Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини, врз основа на Програмата за заштита на ранливи потрошувачи на енергија за 2025 година објави јавни огласи за поддршка, за купен и вграден инвертер клима уред со моќност од 3,5 киловати и енергетска класа од најмалку А+, и за финансиска поддршка за потрошена електрична енергија за лица кои припаѓаат на категоријата ранливи потрошувачи.
Рокот за аплицирање на огласот за доделување на инвертер клима уред е 60 дена од денот на објавување на јавниот оглас, односно до 5 октомври 2025 година, а за финансиска поддршка за потрошена електрична енергија е 30 дена, односно до крајот на август 2025 година.
-Огласот има за цел да обезбеди заштита на ранливите потрошувачи кои се наоѓаат во состојба на енергетска сиромаштија, преку унапредување на енергетската ефикасност и подобрување на квалитетот на живеење на домаќинствата кои исполнуваат утврдени критериуми за ниски приходи или се социјално ранливи, велат од Министерството.
Инверетер клима уред, додаваат, може да добијат домаќинства со ниски приходи, чиј вкупен нето месечен доход во 2024 година не го надминувал: 25.000 денари за едночлено домаќинство; 31.000 денари за домаќинство со два члена; 37.000 денари за домаќинство со три члена; и 43.000 денари за домаќинство со четири и повеќе члена. Исто така, може да добијат и домаќинства во кои единствен приход е пензија, а вкупниот нето месечен доход во 2024 година не го надминувал: 15.700 денари за едночлено домаќинство; 19.800 денари за домаќинство со два члена; и 23.700 денари за домаќинство со три и повеќе члена.
Едно лице може да поднесе само едно барање за едно домаќинство. Правото на инвертер клима уред не може да го остварат домаќинства кои во изминатите 5 години користеле субвенција за набавка на клима уред или печка на пелети, како и оние кои имаат приклучок на систем за централно греење. Министерството ќе врши мониторинг и контрола на спроведувањето на јавниот оглас и има право да го укине решението доколку се утврдат неправилности или неусогласност со условите од Програмата.
Финансиска поддршка за потрошена електрична енергија може да добијат домаќинства со едно или повеќе лица со тешка или длабока интелектуална попреченост; со најтешка телесна попреченост; со потполно слепо лице; со потполно глуво лице. Едно лице може да поднесе само едно барање за едно домаќинство.
-За доделување на инвертер клима уред потребно е: пополнетo барањe (обрасци 1 и 2); изјава, заверена на нотар; фотокопија од лична карта на барателот; фотокопија од лични карти за членовите на домаќинството – за полнолетни лица или изводи од матични книги за малолетни лица во домаќинството, извод од матична книга на венчаните, потврда за развод или посмртница, и фотокопија од последна сметка за електрична енергија за 2025 година. За доделување на финансиска поддршка за потрошена електрична енергија потребно е: пополнето барање (обрасци 1, 2, 3 и 4); изјава за веродостојност на податоците, заверена на нотар, фотокопија од решение за стекнато право на корисник на посебен додаток; фотокопија од последна сметка за електрична енергија за 2024 година и фотокопија од лична карта на барателот и фотокопија од лични карти за членовите на домаќинството – за полнолетни лица или изводи од матични книги за малолетни лица во домаќинството, извод од матична книга на венчаните, потврда за развод или посмртница, прецизираат од Министерството.
Обрасците и изјавата се достапни на веб-страницата на Министерството, во делот Јавни огласи. Документацијата се доставува по пошта или лично на адреса: ул. „Македонија“ бр. 27 – 1000 Скопје. Контакт телефони: 071 319 074; 070 381 162; Е-пошта: [email protected] .