Објавен Договорот за Брегзит


Белгија– Европската Унија и Велика Британија денеска го објавија Договорот со кој се уредуваат трговската и другите видови на соработка од 1 јануари 2021 година.

„Договорот за трговија и соработка помеѓу ЕУ и Велика Британија“ има повеќе од 1.240 страници.

Со Договорот Велика Британија и понатаму ќе може да тргува со ЕУ без царини и квоти по истекот на транзицискиот период што истекува на 31 декември. Велика Британија излезе од ЕУ на 31 јануари годинава. Лондон изгуби многу погодности, меѓу кои пристап до водите за риболов и до пазарот за енергенси, како и  размена на студенти.

Земјите-членки на ЕУ Договорот треба да го усвојат следната недела, додека британмскиот Парламент ќе гласа на 30 декември. Ако Договорот биде одобрен, тој на 1 јануари само привремено ќе стапи во сила, бидејќи мора да биде потврден од Европскиот парламент. Европратениците претходно изјавија дека немаат доволно време за детално проучување на Договорот и оти за тоа ќе разговараат во јануари и февруари.

И покрај Договорот уште голем број прашања останаа неразјаснети, меѓу кои и безбедносната соработка, бидејќи Лондон нема да има пристап до европските полициски бази на податоци, како и пристап до европскиот пазар за финансиси услуги.