Обезбедени 1,2 милиони евра за осовременување и зајакнување на затворскиот систем
Во насока на континуирано подобрување и усовршување на затворскиот систем во Република Северна Македонија, како и за подобрување на циркуларниот тек на информации помеѓу Управата за извршување на санкциите и казнено и воспитно поправните установи и пробациската служба во тек е реализација на Проект за набавка на ИКТ за институциите од правниот сектор, ЛОТ 2 –Набавка на интегриран систем за управување со казнено поправните институции за Управата за извршување на санкциите.
Управата за извршување на санкциите, информира дека преку проектот се обезбедени 1,2 милиони евра за осовременување и зајакнување на затворскиот систем во државата.
Проектот, кој е започнат на почетокот на 2019 година, се однесува на изготвување на софтверско решение кое ќе овозможи поврзување на сите институции во пенитенцијарниот систем, т.е. Управата за извршување на санкциите и казнено и воспитно поправните установи и пробациската служба.
– Со реализација на еден ваков проект се овозможува поедноставна, а поефикасна евиденција и ажурирање на податоците за осудените лица, брза и непречена размена на информации помеѓу институциите како и поефикасно вршење надзор над работењето во затворскиот систем, се вели во соопштението од Управата за извршување на санкциите.
Првичната програма за софтверско поврзување треба да биде изработена до ноември 2019 година, а проектот целосно да биде комплетиран и имплементиран до крајот на февруари 2020 година.