Обесено куче во Демир Капија, градоначалникот гледа дело на психопат


Денес ги видов вознемирувачките фотографии, дознав за настанот кој се случил во нашата општина. И самата помисла дека некој кој го сторил ова дело живее помеѓу нас, во Демир Капија, е морничава – за ,,Фокус” раскажува Лазар Петров, градоначалникот на Демир Капија, за случајот со обесеното кученце кој ја вознемири јавноста.

Фотографиите од ѕверски убиеното мало животно ги направил жител на Демир Капија и ги доставил до здружението за заштита на животните ,,Шепасти ентузијасти”. Од таму информираат дека настанот ќе го пријават во МВР, а секој кој има било каква информација за случајот, да помогне во пронаоѓање на сторителот.

-Денес куче, утре човек, така оди тоа. Ова не смее да биде заборавено и игнорирано, ова е болест, јас не можам да ги најдам соодветните зборови, недозволиво злосторство… Какви луѓе шетаат помеѓу нас, кои се во состојба да направат нешто вакво?Апелирам до надлежните служби да го решат случајот и сторителот да биде откриен што поскоро! Граѓаните кои имаат било каква информација, да ја споделат со надлежните органи. Јас како градоначалник, и општината сме на располагање во секое време, бидејќи ова е сериозно. Лично ќе го пријавам случајот во полиција, очигледно станува збор за психички болна личност која не смее да биде оставена така. Треба ли да чекаме ова и на човек да му се направи? – вели Петров.

Од објавените фотографии, се гледа станува збор за кученце старо неколку месеци.