О2 иницијативата испрати список на мерки за аерозагадувањето до Град Скопје


„О2 иницијативата“ излезе со барања и предлози до властите на Скопје за поинаков пристап во решавање на проблемот со аерозагадувањето, со носење серија одлуки кои ќе ги опфатат сите субјекти што придонесуваат за него и со зададени рокови.  Тие вакво барање испратиле до советниците и до градоначалничката на Град Скопје, Данела Арсовска, во кое ги наведуваат и одлуките кои треба да се донесат за да се намали загадувањето во главниот град.

Оттаму посочуваат дека во зимските месеци, според студијата направена во 2021 година за која се вршени дневни мерења  кај мониторинг станицата во Карпош и во Лисиче, утврдено е дека на на согорување на дрва и дрвна маса отпаѓа околу 50-60%, на согорување на нафта и мазут, за греење или како енергенс во индустријата отпаѓа помеѓу 12% до 16% и на сообраќај отпаѓа меѓу 11% до 14% како позадинско урбано загадување, но во близина на сообраќајниците и до 34%. Во летните месеци пак, најголемо загадување, дури до 46% го предизвикува градежна, почвена прашина.

„О2 иницијатива“ бара да се донесат седум одлуки во Град Скопје:

1. Забрана за греење на нафта, лесни масла, јаглен, мазут, кокс во град Скопје, која за домаќинствата би стапила на сила 1.10.2026, а од 1.10.2028 за сите други објекти.
Ова, според иницијаторите, ќе им даде доволно време на домаќинствата за измена на начинот на греење во прифатлив, што би подразбирало на гас, со пелети, топлински пумпи, инвертери и сл, а јавните објекти ќе имаат доволно време да објават јавни повици, да изработат проектна документација и ја изведат потребната промена на терен. Општините за оваа потреба можат да аплицираат за инфраструктурни проекти до министерството за животна средина, од програмата децентрализација на Владата.

2. Домаќинствата кои ќе останат да се греат на дрва во град Скопје како и другите субјекти кои ќе користат дрва за греење и како енергенс, а тоа се најчесто погони од дрвна индустрија, да мораат да постават филтри. Оваа мерка да стапи на сила од 1.1.2027 за правните субјекти и домаќинствата во урбаните делови на град Скопје, од 1.1.2029 за домаќинствата во руралните делови на градот. Постојат филтри за домаќинства во земјава чии цени се пристапни за наши услови. Во тековниот период да бидат доделени субвенции од град Скопје и Владата на РСМ за филтри, соодветни на примањата во домаќинствата, со примена на скалест пристап, при што на најранливите категории ќе им бидат доделени суви дрва за греење за сезоната (за да се избегне горење на гуми и друг отпад) и филтри.

3. Од 1 октомври до 1 мај, но и во останатиот дел од годината во денови со загаденост за PM10 над 50 μg/m3 и за PM2.5 над 25 μg/m3, кои ќе бидат измерени на најмалку две мониторинг станици во Скопје, да можат да сообраќаат само возила од прва еколошка категорија, со зелена налепница, согласно Законот за возила. Исклучок ќе бидат возилата проектирани и изработени исклучиво за потребите на Армијата , полицијата, брзата помош, противпожарните служби, возилата на потполно глуви лица со потврда за членство од Националниот сојуз за глуви лица, на лица заболени од дистрофија, мултиплекс склероза, церебрална парализа, параплегија, хемиплегија, квадриплемија, детска парализа (полиомиелитис), слепите лица со оштетување на видот над 90%, лица на дијализа и лица со ампутација на рака или нога со признато телесно оштетување од 80% утврдено со акт на надлежната комисија во Фондот на пензиското и инвалидското осигурување на РСМ. Оваа мерка да стапи на сила од 1.10.2026.

Согласно законот, прва еколошка категорија ги опфаќа возилата со ниво на емисија на издувни гасови ЕУРО 5 и повисоко, како и возилата со емисија на издувни гасови ЕУРО 4 и ЕУРО 3 на кои е вграден уред за погон на течен нафтен гас или погон на компримиран земјен гас, хибридните возила и електричните возила, како и возилата кои имаат вградена опрема која ја намалува емисијата на гасови во воздухот и ги достигнуваат стандардите на ЕУРО 4,5 и повисоко.

Граѓаните можат да ги искористат субвенициите согласно годишните програми на министерството за економија и труд за субвенционирање на дел од трошоците за вградување на уреди за погон на ТНГ или друг вид на алтернативно гориво и за субвенционирање на дел од трошоците за купување на ново возило со одјавување на старото возило.

4. Забрана за користење на мазут, нафта, лесно масло, јаглен, кокс, петрол кокс како енергенс во индустриските/производни погони, мали, средни и големи, со и без елаборати за заштита на животната средина, Б – интегрирани еколошки дозволи, А – интегрирани еколошки дозволи, во град Скопје, онаму каде производниот процес го дозволува тоа и каде најдобро достапните техники укажуваат на можност за користење на гас или електрична енергија (примарно од обновливи извори). Оваа мерка да стапи на сила од 1.1.2030. Сите индустриски/производни погони кои треба да ја направат измената, а немаат пристап до гасовод, да се пријават до град Скопје до 1.7.2025, за тој навреме да биде изграден.

5. Поставување на систем од камери кои ќе ја покријат скопската котлина со 24 часовен надзор за секаков вид палење, и службите како пожарникарската, ќе одговорат веднаш на терен и ќе добијат помош од локалната полиција. Дополнително, поставување на видео надзор над хроничните точки во градов каде редовно се пали отпад на отворено, со цел полесно идентификување и санкционирање на лицата кои извршуваат казниво дело, како и брзо гаснење на веќе појавените пожари. Оваа мерка да стапи на сила од 1.1.2026.

6. Организирано бесплатно собирање на остатоците од бербата, органскиот отпад од службите на град Скопје, компостирање на истиот во градски компостари, а за возврат добивање на околу 30 килограми органско ѓубриво на секои 100 килограми доставен отпад. На овој начин се спречува палење на стрништата. Оваа мерка беше спроведувана од град Скопје во текот на 2019 и 2020 година и треба да се врати подобрена на сила од 1.1.2026.

7. За цело време на траење на градежни работи, околу секој поголем градежен објект, да има поставено константен мониторинг на прашината (вкупна, PM10, PM2.5), како обврска на компанијата што ги изведува работите. За инспекција на спроведување на оваа одлука да се задолжат инспекторите за животна средина на град Скопје и на општините во градот, како и градежните инспектори на општините во градот. Да стапи на сила од 1.1.2026.

Со овие одлуки ќе бидат опфатени сите извори на аерозагадувањето во град Скопје и нивното спроведување ќе доведе до намалување во законски зададените граници, кои за кратко време ќе бидат двојно или повеќе пати пониски од сегашните, согласно новата ЕУ Директива за квалитетот на амбиентниот воздух. Очекуваме советниците и градоначалничката да покажат зрелост и одговорност и да постапат во најдобриот интерес на нас, граѓаните, и нашето здравје, особено во интерес на децата од овој град, без оглед на која партија припаѓаат- велат од „О2 иницијатива“.