НРА: Ако победи, Бајден ќе ги лиши Американците од слободно користење оружје
Поранешниот потпретседател Џо Бајден ќе ги лиши Американците од правото да купуваат и користат огнострелно оружје, соопшти синоќа на Твитер Националната стрелачка асоцијација (НРА), најстарата невладина организација во САД која се бори за почитување на Вториот амандман.
Во серија од твитови на НРА, влијателна сила во политичкиот и медиумскиот простор на САД, се посочува дека демократскиот претседателски кандидат има намера да го „уништи“ Вториот амандман кој гарантира слободно купување и носење огнострелно оружје.
-Ако Џо Бајден победи, тој ќе го уништи нашиот Втор амандман и Америка ќе стане непрепознатлива, порачаа од организацијата.
Од НРА велат дека предлогот на претседателскиот кандидат Бајден и Камала Харис, неговиот кандидат за потпретседател на САД, за државен откуп од граѓаните на полуавтоматско оружје од моделот АР-15 и слични оружја е „конфискација“.
Според некои истражувања, во деценијата пред воведување на забрана за носење полуавтоматско оружје во САД во 1994 година, како резултат на вооружени напади се случиле 68 убиства. Откако забраната била воведена (1994-2004 година) бројот на жртви од вооружени напади се намалил до 53, но откако била укината, од 2005 до 2017 година во САД од огнострелно оружје во масовни напади биле убиени 309 лица.