НП Шар Планина и ДИЖС санкционирале десетина возачи кои биле на места каде е забрането движење со возила


Во изминатите неколку месеци санкционирани се повеќе од десет прекршители кои беа затекнати со моторни возила на локации на кои е забрането движење и тоа, во близина на Љуботен, Караниколичко Езеро, Кобилица и Добродолска куќа, информираат од Јавната установа Национален Парк Шар Планина за резултатите од соработка со Државниот инспекторат за животна средина. 

Согласно Законот за заштита на природата, а заради спречување на деградација на природата, движењето со моторни возила во природа е забрането освен во населени места и на сите видови патишта. За патиштата во рамки на паркот има и одреден режим.

-Согласно Законот за безбедност на сообраќајот на патиштата, на територијата на Национален парк Шар Планина нема определени површини на кои се вршат тест-возења, крос, спортски возења и слично. Забраната за движење на сите видови патишта, уредени патеки и полигони за возење во заштитените подрачја се уредува со одлука за режим на движење која ја донесуваат субјектите задолжени за управување со заштитеното подрачје, соопштуваат од НП Шар Планина.

За движењето со моторни возила на територија на НП Шар Планина е воспоставен режим на движење со цел да им овозможи мир на дивите животни, заштита на природата и ресурсите во приватна сопственост како и уживање на љубителите на природата.

-Патиштата на кои е воспоставен режим на движење се претставени на карта, која е подготвена во согласност со Планот за управување со Националниот парк и Законот за заштита на природата https://www.sarmountain.org.mk/mk/karta-mapa/karta-patista Движењето со моторни возила во зоната на одржливо користење и заштитниот појас е дозволено по сите постоечки патишта. Движењето со моторни возила во зоната на активно управување е дозволена само по патиштата на кои е воспоставен режим на движење со исклучок за моторните возила со кои локалните жители стигнуваат до своите имоти или бачила, информирата од Националниот парк.  

Во зоната на строга заштита со претходно обезбедено одобрување од националниот парк, локалните жители дека можат непречено да се движат со моторно возило кон својот имот или бачило, иако се наоѓа на пат на кој е забрането движење на моторни возила.