НП „Пелистер“ поставува пет метеоролошки станици со радар за превенција од пожари и поплави

Метеоролошките станици ќе мерат температура, влажност, брзина и насока на ветерот и количина на врнежи


БИТОЛА – Пет метеоролошки станици со радар се поставуваат на локации во Националниот парк „Пелистер“ и на реката Драгор во Битола како превенција од пожари и поплави.

Станиците се дел од активностите на проектот насловен ПРЕВЕНТ во рамките на INTERREG ИПА Програмата за прекугранична соработка „Грција – Република Северна Македонија 2014-2020“. Со овие станици ќе се следи времето и ќе се остави простор за навремена реакција од надлежните служби.

„Метеоролошките станици ќе мерат температура, влажност, брзина и насока на ветерот и количина на врнежи. Се поставуваат на Големо Езеро, Инфоцентарот во НП Пелистер, ски лифтот кај Нижеполе и на реката Драгор во близина на Црн мост“, вели Малиќ Шемшедини, директор на НП „Пелистер“ – Битола.

„Проектот подразбира имплементирање на современи алатки за навремена прогноза и мониторинг на ризици од шумски пожари и поплави и иновативни техники за заштита и подготвеност на граѓаните. Во рамките на проектот вчера и денес се поставуваат метеоролошки станици на неколку локации на Пелистер и во Битола“, потврдува Шемшедини.

Главната цел на проектот е да се подобри оперативната ефикасност и административниот капацитет на релевантните служби за управување со природни катастрофи.

Воедно, целта на проектот е да овозможи едукација, свесност и сензибилизирање на локалното население, така што во соработка со надлежните органи да има координирана акција за справување со природните и технолошките катастрофи и ризици, објаснуваат од НП Пелистер.

(А.Б.)