Нововработените под 30 години ќе го добиваат назад персоналецот две години
Формирање Фонд за млади умови, воведување Закон за младинска гаранција, засилена практична настава, но и продолжување на исплатата од 3.000 денари месечно младински додадок се дел од клучните приоритети на кои Влада ќе се посвети во својот четиригодишен мандат со цел зголемување на вработеноста на младите.
Главната задача, како што посочува Владата во својата програма, е да ја вратат довербата на младите во извесна и сигурна иднина во државата, и токму затоа ќе водат таргетирани политики за зголемување на нивната вработеност.
Во програмата се наведува дека ќе продолжи исплатата од 3.000 денари месечно младински додаток, но и поврат на персоналниот данок на доход за сите нововработени под 30 години.
– Ќе продолжи исплатата од 3.000 денари месечно младински додаток за вработени млади лица до 23 години со завршено најмалку средно образование кои работат во производството. Исто така, ќе има и поврат на персоналниот данок на доход за сите нововработени под 30 години, во првите две години при што сретствата ќе се враќаат директно на нивна сметка, стои во програмата за период 2020-2024.
Ослободување од плаќање данок на сите новосоздадени приватни претпријатија, формирани од млади до 30 години или жени, се додека прометот е под 3 милиони денари е исто така важен приоритет што се наведува во програмата.
Владата посочува дека посветено ќе работи на директна поддршка на младинското и женското претприемништво преку грантови во висина од 5.000 до 15.000 евра за почеток на сопствен и нов бизнис, но и ќе формира Фонд за млади умови.
-Ќе формираме Фонд за млади умови во кој ќе повикаме да се вклучат млади луѓе што заминале од државата и се докажале и оствариле резултати во наука, бизнис, и други области. Истите ќе се ангажираат како ментори на децата и младите од татковината, се наведува во програмата.
Оваа форма на поддршка на младите ќе се институционализира преку Закон за младинска гаранција. Потоа, следува и формирање Фонд за стипендирање на млади луѓе.
-Ќе се формира Фонд за стипендирање на млади луѓе за потребите на занаетчиството, но и воведување засилена практична настава во средните стручни училишта, преку модели на соработка со сојузите на стопански комори и локалната самоуправа, како и младински натпревари за претприемништво, се наведува во владината програма.
Како еден од клучните приоритети за младите, според Владата, е и соработката на т.н. triple helix, при што универзитетите, бизнис заедницата и Владата заедно да ги подготвуваат наставните програми, кои ќе бидат вистински одговор на потребите и барањата на пазарот на трудот.
Во новиот четиригодишен мандат Владата, како што посочува, ќе воведе и Закон за поддршка на социјално претприемништво, со фокус на младите и жените, и со отворање на три центри за поддршка на социјални претпријатија. Исто така, според владината програма, не помалку важно е и отварање на можноста редовните студенти да стапат во редовен работен однос, определен број часови – опција која им е на располагање на студентите во најголем број европски земји.