Новогодишна честитка на Ковачевски: Потребени ни се оптимизам и мудрост


 

Премиерот Димитар Ковачевски во новогодишната честитка до граѓаните нагласува дека во овој момент, најмногу е потребна верба, оптимизам и мудрост.

„Ни треба целото знаење со кое располагаме, за да ги постигнеме целите кои се пред нас.
Често велам дека нашата предност, наша најголема вредност и најсилна страна се луѓето, нашите граѓани.

Затоа што имаме капацитет, имаме знаење, имаме волја да ги направиме следните чекори. Да продолжиме и понатаму да го подобруваме животот на граѓаните. Да го направиме и она што е најважно – да ги задржиме младите дома. Да ги вратиме тие што заминале, затоа што европскиот пат на кој сме тргнати е започнат и не застанува. Мора да гледаме напред, мора да се движиме напред. Токму европскиот пат ќе донесе развој и подобро утре“, вели тој.

Ковачевски нагласува дека оптимизмот за кој зборува е изграден на реални основи: „Оваа држава има луѓе кои имаат и храброст, и енергија длабоко во себе, кои ќе го изодат тој пат и кои ќе остават подобра земја за своите деца, за сегашните и за идните генерации.
На крајот на овој европски пат е големата награда, членството во Европската Унија. Пат и цел кои ќе ни овозможат врвна демократија, социјална правда, функционално владеење на правото“, нагласува Ковачевски.

Во честитката премиерот се осврнува и на годината што поминува, велејќи дека таа воопшто не била лесна, но нагласува дека треба да сме горди на постигнатото. „Во рамки на можностите направивме многу. Во најтешката криза работевме напорно, посветено и фокусирано. За сите да имаат повеќе. И најважно од сè, никој не беше оставен сам“, потцртува Ковачевски.