Новиот закон во Австрија предизвика хаос: Инциденти во училиштата поради забраната за хиџаб


Новиот закон во Австрија им забранува на девојчињата помлади од 14 години да носат хиџаб во училиштата, а само неколку дена по неговото воведување, во образовните установи се забележани бројни инциденти.

Проблемите почесто се јавувале во повисоките одделенија, бидејќи девојчињата одбивале да го соблечат хиџабот, по што биле повикувани родителите, објави информативниот портал „Дер стандард“.

Некои родители не биле запознаени со новата регулатива, додека други свесно ги испраќале своите ќерки на училиште со хиџаб, иако знаеле дека може да се соочат со парична казна до 800 евра.

Во ситуации кога ниту родителите, ниту девојчињата не сакале да попуштат, била вклучена Управата за образование.

Од наставниците се бара да го спроведуваат новиот закон и да ги решаваат конфликтите што станаа чести во последните денови.

Намерата на законодавците била забраната за хиџаб да ги заштити девојчињата од надворешен притисок.

Директорка на едно училиште, Мартина Фогел, вели дека разговорите со девојчињата и нивните родители се тешки и исцрпувачки.

„Се обидуваме да ги охрабриме девојчињата, а штом тие ќе станат силни и сами ќе ја донесат таа одлука, нам ни се врзани рацете“, рече Фогел.

Наставничката од Виена, Сузан Визингер, вели дека просветните работници во Австрија сè почесто се соочуваат со конфликти што се пренесуваат во училиштата од семејствата, верските заедници и земјите на потекло.

„Дали девојчето е под семеен или верски притисок не може да се процени само врз основа на едно парче облека. Хиџабот може да биде израз на принуда, но може да биде и резултат на свесна верска одлука“, заклучи наставничката.