Новиот парламентарен состав на Гренланд започна со работа во услови на американски интерес за островот


Новиот состав на Парламентот на Гренланд денеска го одржа своето прво заседание по изборите во март, во услови на зголемен надворешен притисок, откако претседателот на САД, Доналд Трамп, неколкупати изрази интерес за преземање контрола врз полуавтономната данска територија.

Јенс-Фредерик Нилсен, 33-годишен лидер на партијата „Демократи“, кој повика на политичко единство против надворешниот притисок, стана најмладиот премиер во историјата на Гренланд. 

– Никогаш не било поважно да бидеме обединети за доброто на нашата земја и стабилноста на управувањето. Затоа сум задоволен што оваа широка коалиција доби поддршка од 75 отсто од гласовите, изјави Нилсен.

Минатата недела тој изјави дека Гренланд ќе ги зацврсти односите со Данска, која ја нарече „најблизок партнер“, сè додека Гренланд не стане суверена држава. Тој потврди дека територијата на долг рок цели кон независност.

Бизнис-ориентираната партија „Демократи“ се залага за постепен пат кон независност и победи на изборите во март. Најавија формирање коалициска влада со уште три партии. Коалицијата, која опфаќа партии од различни делови на политичкиот спектар, располага со 23 од вкупно 31 пратеничко место.