Новиот министер за правда прво се сретна со в.д. амбасадорката на САД


Јетон Шасивари и Никол Варнс

 

Министерот за правда Јетон Шасивари денеска се сретна со Никол Варнс, в.д. амбасадорка на САД во Македонија, на која била потврдена силната и континуирана соработка меѓу Министерството за правда и САД како стратешки партнер во спроведувањето на реформите во правосудството.

На средбата, како што соопшти МП, се разговарало за клучните приоритети на Министерството за правда, со акцент на реформите во правосудството, владеењето на правото, дигитализацијата на правосудниот систем, законодавната агенда и борбата против корупцијата. Министерот за правда Шасивари побарал во натамошниот период да се овозможи размена на искуства и експертска помош од САД во областа на кривичното законодавство.

Во фокусот на разговорите биле и реформата на кривичното законодавство, која останува еден од стратешките приоритети на Министерството за правда. Во таа насока, било истакнато дека започнала реализацијата на проектот „Поддршка за спроведување на Националната стратегија за дроги во Република Северна Македонија“.