Новиот грчки амбасадор Кундурос му ги предаде копиите на акредитивните писма на министерот Османи
Министерот за надворешни работи Бујар Османи денеска го прими новоименуваниот вонредeн и ополномоштен амбасадор на Хеленската Република во земјава Република Северна Македонија, Русос Кундурос, кој ги предаде копиите од акредитивните писма.
Министерот Османи, како што соопшти МНР, изразил уверување дека за време на неговиот мандат пријателските односи меѓу двете земји ќе го одржат позитивниот тренд на развој.
-Очекуваме Грција да продолжи со својата доследна принципиелна поддршка и да биде гласен лобист во Европската унија за нашата европска перспектива, која е значајна за двете држави, но и за целиот регион, посочил Османи, додавајќи дека Северна Македонија очекува исчекор на планот на европските интеграции во текот на оваа година, за што силно и безрезервно ќе се залага на внатрешен план.
Соговорниците размениле мислења и за актуелните состојби во двете земји, како и за најновите содржини и постигнувања во регионалната соработка, како и за други актуелни меѓународните случувања.