Од денеска од Скопје до Штип за половина час, пуштен новиот автопат


Од денеска може да се вози по новиот автопат Миладиновци – Свети Николе – Штип. Од Министерството за транспорт и врски инофрмираат дека е пуштен за сообраќај во двата правца.

Апелираат до сите корисници да ја почитуваат поставената хоризонтална и вертикална сигнализација.

-Упатуваме благодарност до сите граѓани кои во овие неколку месеци беа трпеливи во однос на користење на оваа автопатска делница. Упатуваме благодарност и до сите градежни компании кои директно или индиректно беа вклучени во изградбата на овој значаен капитален објект, наведуваат во соопштението.

Од Министерството за траспорт истакнуваат дека Владата на Република Северна Македонија и понатаму е посветена на изградба на капитални објекти што се од огромно значење за развојот на државата и подобрување на животот на граѓаните.

Автопатот е широк 27,4 метри, има четири ленти од 3,75 метри и две ленти за застанување од 2,5 метри. Проектираната брзина е 130 километри на час. По должината на автопатот има седум клучки. Делницата почнува после клучката Миладиновци, која има девет нови крака, долга е 1,5 километри и се спојува со коридорите 8 и 10. Последната клучка на автопатот е „Три чешми“,  каде ќе има спојување со новиот експресен пат во изградба Штип-Кочани.

Долж автопатот е поставена челична одбојна ограда, мрежа за заштита од животни, оптички кабел, звучни бариери, службени премини.

Изградбата на автопатот ја почна претходната Влада, во февруари 2014 година и според проектот и плановите тој требаше да биде готов до март 2017 година. По промената на власта надлежните институции соопштија дека има бројни пропусти во изградбата и незавршени активности, по што беа склучени два анекса на Договорот за изградба со изведувачот кинески „Синохидро“.

Во изградбата на патот покрај „Синохидро“ беа ангажирани и домашните градежни компании „Бетон“ и „Гранит“, односно над 800 работници од државава. Со Договорот се наложуваше кинескиот изведувач да ангажира подизведувачи и да набавува градежни материјали од државава во вредност од најмалку 49 отсто од вкупната цена на договорите, а бројот на македонски работници да биде најмалку 51 отсто од вкупниот број.

На терен во тек е изградба на автопатот Кичево-Охрид, во должина од 57 километри, што, исто така го гради „Синохидро“. Според најавите, наскоро треба да се објави тендер за изградба на автопатот Скопје-Блаце, во должина од 13 километри. Финансиската конструкција изнесува 110 милиони евра, од кои 27 милиони евра грант од ЕБОР од каде се обезбедени и 20 милиони евра за првата делница од автопатот Гостивар-Кичево, на потегот Букојчани-Кичево