Новинарите забележаа нов бизарен детаљ во Белата куќа: Фотографијата со Путин добива посебно место
Бројни новинари кои известуваат од Белата куќа забележаа уште еден нов детаљ за кој е одговорен Доналд Трамп, а многумина го опишаа како доста бизарен.
Имено, американската новинарка Елизабет Ландерс објави фотографија од лобито на Белата куќа, на која може да се видат две фотографии.
„Исто така, нешто што го забележав во лобито што го поврзува Западното крило со резиденцијата што не сум го видела претходно – врамена фотографија од претседателот Трамп и Путин на нивниот летен самит во Алјаска. Фотографијата подолу го прикажува претседателот Трамп со неговaтa внукa“, рече таа.
Фотографијата визуелно изгледа како истата слика што Трамп ја покажа за време на прес-конференцијата на 22 август 2025 година. Трамп потоа рече дека оваа фотографија му ја испратил Путин.
Рускиот претседател Владимир Путин и американскиот лидер Доналд Трамп се сретнаа на 15 август 2025 година во воена база во Алјаска. Разговорите траеја повеќе од три часа и вклучуваа неколку формати: еден на еден во лимузината на американскиот лидер на пат кон главното место на одржување на состанокот и во мала група „три на три“.
Руската делегација ја сочинуваа помошникот на Кремљ, Јуриј Ушаков, и министерот за надворешни работи, Сергеј Лавров, додека американската делегација ги сочинуваше државниот секретар Марко Рубио и специјалниот пратеник на Трамп, Стив Виткоф.
Доналд Трамп постојано е обвинуван дека е премногу потчинет на Владимир Путин. Руските власти постојано изјавуваат дека напредокот во мировните преговори со Украина зависи од тоа дали Киев ќе се согласи да отстапи на Русија дел од регионот Донецк контролиран од украинските трупи. Во моментов, ова претставува приближно 25-30 проценти од територијата на регионот.