Нови и стари лица во Собранието (Галерија)

На конститутивната седница присуствуваат 117 пратеници. Се очекува Африм Гаши да биде избран за нов претседател на Собранието


Фото: Б. Грданоски

 

Многу одомаќинети фигури во Собранието, а и некои нови лица во парламентарниот состав се појавија денеска на конститутивната седница на новото Собрание. Меѓу новите лица пратеници  е и победникот на изборите лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, а и поразениот, претседателот на СДСМ во оставка, Димитар Ковачевски.

Средната редица, секогаш наменета за власта, речиси целосно е пополнета со пратеници на ВМРО-ДПМНЕ, додека втората по ред сила, СДСМ има само четири реда во крајната редица.

Зад СДСМ се поседнати пратениците на коалицијата предоведан од ДУИ, „Европски фронт“, која по многу, многу години премина од едната (владината) страна на другата во пленарната сала. Во последниот ред се шесте пратеници на Левица.

Со конститутивната седница претседава најстариот пратеник Мерита Колчи-Коџаџику од албанската опозиција „Вреди“. Присутни се 117 пратеници, а беше избрана Верификационата комисија по што дадена е пауза за таа да заседава. Градоначалникот на Тетово и лидер на Беса, Билал Касами, се откажа од пратеничкиот мандат.

На седницата на која присуствуваат претседателката Гордана Сиљановска-Давкова, премиерот Талат Џафери, министри во техничката влада, претставници на институциите во државата и на дипломатскиот кор.

Американската амбасадорка, Анџела Агелер, во галеријата

За претседател на Верификационата комисија е избрана Дафина Стојановска, а за членови Благица Ласовска, Даниела Николова, Дијана Тоска и Беким Сали. Од присутни 117 пратеници, за овој предлог гласаа 100 од пратениците, од кои 94 гласаа „за“, а шест беа против, а воздржани немаше.

Колча-Коџаџику на почетокот од седницата ги именува пратениците Халил Снопче и Беким Сали за нејзини заменици кои по потреба ќе можат да ја заменуваат како претседавач со конститутивната седница.

По паузата се очекува Собранието да продолжи со верификација на мандатите на новите пратеници, избор на Комисија за прашања на изборите и именувањата и избор на претседател на Собранието.

Конститутивната седница, според новиот Деловник, трае најмногу три дена, а Собранието е конституирано со изборот на претседател на Собранието, место на кое ќе биде предложено да седне Африм Гаши од Алтернатива, дел од коалицијата „Вреди“.

Во галеријата е и претседателот на ЗНАМ, Максим Димитриевски

Фотографии: Б. Грданоски