Нови рочишта за „Траекторија“, „Тендери“ „Тарифа“ и за „Насилство во Општина Центар“ на СЈО


Во Кривичниот суд во Скопје денеска треба да се одржат нови рочишта за „Траекторија“, „Тендери“ „Тарифа“ и раздвоената постапка за „Насилство во Општина Центар“ на Специјалното јавно обвинителство.

Случајот „Траекторија” се наоѓа во доказна постапка и во него се обвинети поранешниот премиер Никола Груевски, на кого му се суди во отсуство, ексминистерот за транспорт и врски Миле Јанакиески, поранешниот вицепремиер Владимир Пешевски и ексдиректорот на ЈП Државни патишта Љупчо Георгиевски.

Според обвинението на СЈО, обвинетите во втората половина на 2012 година и во текот на 2013 година презеле повеќе дејства со кои во постапката за избор на компанија за изградба на автопатиштата Миладиновци – Штип и Кичево – Охрид ги искористиле и пречекориле своите овластувања. Со тоа му нанеле штета на Буџетот од најмалку 155 милиони евра.

Во „Тендери“ првообвинета е поранешната министерка за култура Елизабета Канческа Милевска.

Според обвиниението, дел од градежните работи во Музејот се вршени во корист на правното лице „Бетон“ од Штип. Пред да се објави оглас за доделување договор за јавна набавка и пред да се спроведе постапката, спротивно на Законот за јавните набавки, Канческа-Милевска преку разговори со генералниот директор на градежното претпријатие „Бетон“ од Штип наложила да се продолжи со работа на Музејот, каде што се изведувале градежни работи по претходно склучен договор за јавна набавка.

На денешното рочиште треба да бидат сослушани сведоци, предложени од СЈО.

Во судот денеска треба да се одржи рочиште и за предметот на „Тарифа“, во кој се обвинети поранешниот генерален директор на АД „ЕЛЕМ“ Дејан Бошковски и уште други две лица за противзаконска набавка на софтверски систем за потребите на државната компанија „Електрани на Македонија“ вреден околу четири милиони евра.

Според  СЈО, обвинетите ја злоупотребиле службената положба и овластувањето во постапка за јавна набавка на софтвер – „ЕРП систем“. Обвинетите со неизвршување на службената должност овозможиле правното лице – конзорциум, кое подоцна го добило тендерот, да се квалификува во втората фаза на преговарање при јавната набавка, иако немало доставено комплетна документација.

Судското рочиште денеска треба да се одржи и за раздвоената постапка за случајот „Насилство во Општина Центар“.

Во овој случај обвинети се 14 лица, меѓу нив и поранешниот премиер Никола Груевски, кој е во бегство во Унгарија, поранешниот министер за транспорт и врски Миле Јанакиески и пратеничката на ВМРО-ДПМНЕ, Даниела Рангелова.

На претходните рочишта, вината за случувањата пред Општина Центар вo јуни 2013 година, ја признаа четвртиот обвинет, Томислав Лазаров и петтиот обвинет Јордан Ристевски.

Фото: Б. Грданоски