Нови рочишта за „Тортура“ и „Титаник“ на СЈО


Во Кривичниот суд во Скопје денеска се закажани нови рочишта за „Тортура“ и „Титаник“ на Специјалното јавно обвинителство.

Предметот „Тортура“ на СЈО се однесува за начинот на апсењето на Љубе Бошкоски во 2011 година и се наоѓа во доказна постапка.

Во „Тортура“ заедно со Сашо Мијалков се обвинети и поранешниот прв човек на единицата „Алфи” Ивица Антевски-Пуки и уште петмина припадници на единицата.

Специјалното јавно обвинителство ги гони за мачење и друго сурово, нечовечко или понижувачко постапување и казнување, за начинот на лишување од слобода на лидерот на Обединети за Македонија и поранешен министер за внатрешни работи Љубе Бошкоски, на 6 јуни 2011 година, ден по предвремените парламентарни избори.

Случајот „Титаник“ се наоѓа во доказна постапка и се изведуваат материјални докази предложени од СЈО. Станува збор за околу 5.900 материјални докази, како барања за издавање лични карти, изјави за ополномоштени лица, извадоци од сметки, потврди и други документи и докази за злоупотреба на средства за финансирање на политичка кампања од 2013 година.

Освен поранешниот премиер Никола Груевски кој е во бегство, во „Титаник“ обвинети се и Кирил Божиновски, Миле Јанакиески, Гордана Јанкулоска, Билјана Бришкоска Бошковски, Илија Димовски, Мунир Пепиќ, Едмонд Темелко, Леко Ристоски, Кирил Тодоровски, Катерина Веловска, Станко Коруновски, Коста Марковски, Драгче Драгчески, Марјан Накевски, Гоце Јаневски, Џезми Ахмет, Роберт Давитков, Далибор Алешковиќ и Ленка Рашјаковска.

Тие се осомничени за злосторничко здружување, повреда на избирачкото право, повреда на слободата на определување на избирачите, поткуп при избори и гласање, уништување изборен материјал и злоупотреба на средства за финансирање изборна кампања.