Нови правила за паркирање во стариот дел на Охрид од понеделник
Од понеделник, 13 јули, во Охрид започнува примената на новиот режим на паркирање на улиците „Илинденска“, „Коста Абраш“ и „Цар Самоил“, соопшти ЈП „Билјанини Извори“.
Паркинг-местата на овие улици ќе можат бесплатно да ги користат само резидентните жители кои поседуваат соодветна документација и важечка резидентна налепница. За останатите возила паркирањето на обележаните места ќе биде забрането, а за прекршителите ќе следуваат санкции, вклучително и поставување блокатор.
Од претпријатието информираат дека возилата паркирани на необележани места, коловоз или други јавни површини спротивно на сообраќајната сигнализација ќе бидат санкционирани од Министерството за внатрешни работи.
Резидентните жители ќе можат бесплатно да го користат и паркингот кај Општина Охрид до 1 септември, додека за туристите и другите посетители останува на располагање паркирањето во Б-зоната со можност за купување месечен паркинг-билет.
Од ЈП „Билјанини Извори“ потсетуваат и дека дотурот на стока во стариот дел на Охрид треба да се врши најдоцна до 10 часот и апелираат до граѓаните и посетителите да ги почитуваат новите правила за паркирање. објави Скопје1.мк