Нови правила во Кина: На граѓаните може да им се забрани напуштање на земјата три години
Во Кина стапија на сила нови правила за патување, за кои некои експерти велат дека дополнително ќе ја зајакнат владината контрола врз граѓаните. Новите мерки им овозможуваат на граѓаните за кои се смета дека „наштетиле“ на националната безбедност или интересите на Кина додека се во странство, да им се забрани напуштање на земјата до три години, објавува Би-би-си.
Кинеските власти тврдат дека правилата се воведени за „заштита на националниот суверенитет и безбедност“ и ги отфрлаат тврдењата дека тие го ограничуваат патувањето на обичните граѓани. Критичарите, од друга страна, веруваат дека новите правила би можеле да му овозможат на Пекинг да изврши поголем притисок врз активностите на кинеските граѓани во странство.
„Ова е уште една алатка дизајнирана да контролира што кинеските граѓани прават и зборуваат надвор од земјата“, рече Том Келог, професор и извршен директор на Центарот за азиско право на Универзитетот Џорџтаун. Тој додаде дека во некои случаи, државните безбедносни служби категорично одбиваат да издаваат пасоши за да спречат поединци да ја критикуваат кинеската влада во странство или да ги казнуваат за активизам.
„Не можам да добијам пасош“
Според правилата што стапија на сила денес, на кинеските граѓани може да им се забрани да ја напуштат земјата ако ги прекршат прописите за увоз и извоз на технологија за која се смета дека „ја загрозува националната индустриска или технолошка безбедност“.
Владината платформа за разбивање гласини, Пијао, минатата недела издаде соопштение во кое се вели дека новите правила „не го ограничуваат патувањето на обичните граѓани“. Наместо тоа, тие велат дека служат како „превентивна мерка против дестинации со висок ризик и лица со необични шеми на патување“.
Сепак, некои кинески граѓани велат дека со години се соочуваат со нејасни ограничувања за патување. Еден 26-годишен кинески државјанин рече дека неговото барање за пасош било одбиено во 2023 година. Тој верува дека причината било неговото учество во масовните продемократски протести во Хонг Конг во 2019 година.
Тој додаде дека давал изјави за медиумите во Хонг Конг за време на протестите и бил испрашуван од државната безбедносна полиција по неговото враќање во континентална Кина. Тој рече дека службеник за имиграција му рекол дека не може да добие пасош „поради проблемот со Хонг Конг“, но никогаш не добил писмена потврда за ова.
„Доколку добиев официјален документ, можев да покренам административна постапка. Но, ми кажаа само една реченица: „Не можете да одите““, рече тој. Додаде дека не се осмелувал да инсистира бидејќи се плашел дека може да „заврши во затвор“. „Јас сум само обичен човек, нели? Млад сум и не сум направил ништо лошо. Не знам дали некогаш ќе можам да ја напуштам Кина“, опиша тој.
Земји со висок ризик
Според јавно достапните податоци, кинеските граѓани во моментов не можат сами да проверат дали се под мерки за контрола на излезот. Освен ако не добијат официјално писмено или усно известување, луѓето обично дознаваат дека нивните движења се ограничени само кога аплицираат за документи или кога се обидуваат да ја преминат границата.
Законот за административни дозволи на Кина бара кога административен орган одбива да издаде дозвола, тој мора да даде писмено образложение за својата одлука. Сепак, некои луѓе со кои разговараше Би-Би-Си велат дека ова правило не се спроведува во пракса. Според новите правила, граничните службеници мораат да ги советуваат кинеските граѓани да не патуваат во земји и региони кои се сметаат за „високо ризични“.