Уште 186 милиони евра за автопатот Кичево – Охрид. Цената ќе стигне на 784 милиони евра

Со новиот анекс цената на еден километар од овој автопат стигнува до огромни 13,7 милиони евра. Анексот предвидува автопатот да биде завршен на 31 мај 2027


Едно од свлечиштата на автопатот Кичево - Охрид

 

За автопатот Кичево – Охрид ќе требаат нови и нови пари. Со еден вид геометриска прогресија сега се додадени уште 186 милиони евра. Сегашнава власт кога беше во опозиција пукаше од сите оружја кон тогашната власт затоа што склучи анекси на првичниот договор и затоа што мораа да се направат големи измени на првичниот проект поради многуте свлечишта и за тоа требаа дополнителни пари. Но без нови финансиски инјекции не може да се заврши контроверзниот автопат, чија изградба стана еден од најемблематичните лошо подготвени проекти во поновата историја на Македонија.

Со потпишувањето на Анекс бр. 8, инвеститорот и изведувачот се согласни дека изведувачот има право на продолжување на рокот за завршување за дополнителни 151 ден, до 31 мај 2027. За изградбата заклучно со крајот на минатата година реализирани се 558 милиони евра, што претставува 93,3 проценти од тогаш предвидената вредност. Ако досега исплатената сума е 93,3 отсто од предвидената, тогаш финалната, според донеодамнешните проекции требаше да изнесува 598 милиони евра. Но тоа не е доволно и се додаваат уште 186 милиони евра. Тоа се 784 милиони евра. Или 410 милиони евра повеќе од првично проектираните 374 милиони евра, кои беа соопштени пред повеќе од една деценија.

Тоа значи дека еден километар од автопатот Кичево – Охрид ќе чини огромни 13,7 милиони евра.

Новиот анекс на договорот за изградба меѓу Јавното претпријатие за државни патишта (ЈПДП) и изведувачот кинески „Синохидро“ и 186-те милиони евра се наменети за стабилизација на свлечишта со изградба на 14 галерии, поставување ограда, изградба на паралелни пристапни патишта што не биле предвидени за поврзување на населените места, како и за контролен центар за тунелите.

Собранието вчера ги изгласа дополнувањата на Законот за реализација на инфраструктурни проекти за изградба Миладиновци – Штип и Кичево – Охрид. „Со овој анекс конечно ќе го завршиме автопатот Кичево – Охрид“, рече вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски. Според него, дополнителните средства и време се потребни за целосно завршување на проектот со работи што не биле предвидени од основниот проект.

Ќе се финансираат пристапните патишта што не биле предвидени во првичниот план, а се предвидени во претходните анекси на договорот кои се неопходни за функционалност и сообраќајно поврзување на населените места долж автопатот. Тоа се пристапни патишта од село Арбиново до село Издеглавје, од Издеглавје до Ново Село, од Ново Село до Ботун, од Мешеиште до Требениште, од Требениште до Подмоље и до Охрид.

По 11 години изградба лани во јули беа пуштени првите 20 километри, на потегот од Врбјани до Ботун, а во септември уште една делница, Климештани-Охрид, во должина од 17 километри.

Надзорот – Градежниот институт Македонија – оцени дека рокот до 31 мај 2027 година е технички оправдан и реално остварлив, но под услов изведувачот да обезбеди добра организација, а инвеститорот навремено финансирање. Проектот, чија изградба започна во мај 2014 година, првично требаше да биде завршен до јануари 2018 година. Со анексите што следеа во изминатите години, вредноста на договорот беше зголемена а рокот постојано се пролонгираше. 

Ревизијата на Државниот завод за ревизија укажа дека во периодот од 2018 до 2021 година биле направени пет измени на основниот договор, со што рокот бил пролонгиран, а вредноста зголемена за 45 проценти. Ревизорите констатираа 42 варијации поради измени во проектната документација, кои произлегле од недоследности во основниот проект и од потребата за усогласување со реалните геолошки услови на теренот. (Н.В.)

 

На истата тема:

 

За автопатот Кичево – Охрид ќе требаат уште пари, но и повеќе време да се заврши