Новата година во Битола ќе се слави од Широк Сокак до Пелистер
БИТОЛА – Празниците се ближат, а Битола веќе е подготвена за дочекот на Новата година со забава од Широк Сокак, Старата чаршија, па сѐ до Пелистер.
Градот е новогодишно накитен и во светлечко руво почнувајќи од Офицерскиот дом, преку Широк Сокак до плоштадот „Магнолија“ па преку дрвениот мост на Драгор амбиентот се пренесува до Старата чаршија, со една цел туристичка промоција на старото градско јадро.
Атракција за битолчани е поставеното лизгалиште на плоштадот „Магнолија“. Забавата во Битола организирана како „Зимска приказна“, лизгалиштето беше отворено синоќа, а за новогодишната ноќ битолчани на сцената на платото на Офицерскиот дом ќе ги забавуваат наши македонски изведувачи – Андријана Јаневска, Зуица Лазова, Сузана Спасовска и Димитар Андоновски.
За првпат годинава „Зимската приказна“ во организација на Општина Битола ќе трае од 20 декември до 6 јануари.
Според градоначалникот Тони Коњановски и годинава ставен е акцент на поддршка на локалните трговци, угостители и хотелиери, а очекувањата се зголемена посетеност на туристи и граѓани и позитивно влијание врз локалната економија.
„’Зимската приказна’ е повеќе од празнична програма – таа е можност за Битола да го покаже својот туристички потенцијал. Нашата цел е сите трговци, угостители и хотелиери во градот да почувствуваат економска придобивка. Празничната сезона е шанса за развој на локалниот бизнис, зголемување на прометот и привлекување на нови туристи“, изјави градоначалникот Тони Коњановски.
Годинава два новогодишни настани ќе бидат на Пелистер во организација со НП „Пелистер“.
В недела за прв пат ќе одржи новогодишниот хуманитарен базар „Куќа имам на Пелистер“ во Информативниот центар на Пелистер.
Директорот Иванчо Тошевски најавува дека со свои содржини ќе се презентираат повеќе од 20 локални производители на храна и пијалаци, ресторани, хотели, кафе барови, туристички агенции и лица кои нудат дополнителни туристички содржини кои ќе се нудат по пониски цени.
И годинава ќе има новогодишно освојување на врвот Пелистер со настанот „Први на први“. Искачувањето на Пелистер почнува на полноќ на планинари и рекреативци за да утрото ја прослават новата година на врвот Антена.
Новогодишните настани паралелно со платото на Офицерскиот дом се лоцираат и во Старата битолска чаршија на барање на локалните дуќанџии со дневна програма. (А.Б.)