Нова поетска книга „Јазикот на светлината“ на Сузана В. Спасовска
Деновиве излезе од печат најновата поетска книга на Сузана В. Спасовска, „Јазикот на светлината“, во издание на „Македонија презент“. Книгата е поддржана на Годишниот конкурс за проекти од национален интерес на Министерството за култура на РСМ. „Јазикот на светлината“ е шеста стихозбирка на авторката.
Рецензент на книгата е проф. д-р Венко Андоновски, кој истакнува дека најновиот поетски ракопис на Спасовска, кој неодамна ja доби и наградата „Антев златник“ на меѓународната поетска манифестација „Антево перо“, е пообемен ракопис со повеќе циклуси, кои покажуваат дека поетесата има повеќе тематско-мотивски опсесии. Но, во сите тие мотиви, без разлика дали станува збор за светлината и нејзиното симболичко место во вселената, за црвениот змеј, за Соломоновата чаша или за митолошките рециклажи на џиновите и митските суштества, за змијата која постои уште пред Адам и Ева, или едноставно, за Македонија како земја на единствената светлина, едно нешто е секогаш исто: проблесокот, зенот, сознанието…
Поезијата на Сузана В. Спасовска во оваа стихозбирка, главно посветена на светлината, сепак, ја сведува таа светлина на десетици разни еманации: на цвет, школка, вода, љубов, сонце… На дело е една поетска синтакса на светлината, превод на светлината во навидум неслични на неа нешта и, што е најважно, зад секоја песна се крие најважното својство на секој голем поет: крикот. Тие неми крикови, тие навистина стилски беспрекорни песни од оваа стихозбирка, убеден сум, стануваат мера за нашата современа поезија…