Нова „Иницијатива“ ќе му се спротивстави на ВМРО-ДПМНЕ?


Фото: Б. Грданоски

 

На македонската политичка сцена се најавува нова иницијатива чија цел ќе биде да ја обедини опозицијата и прогресивната демократска јавност за да ѝ се спротивстави и да ја урне ВМРО-ДПМНЕ од власта. Дали ќе прерасне во нова политичка партија е неизвесно. Иницијатори, наводно, се поранешни функционери на СДСМ.

Според изворите за кои пишуваат повеќе медиуми, зад платформата стоеле поранешни и актуелни функционери на СДСМ, основачи на партијата, поранешни и актуелни пратеници, но и истакнати граѓани и професори што политички не се профилирани. Иницијативата, наводно, нема намера да се занимава со лидерот и раководството на СДСМ и со внатрепартиската реформа, но и дека се оградува од Петре Шилегов, за кого е почната постапка за исклучување од СДСМ, иако тој лично се повикува на нив.

Станува збор наводно за долгорочен проект што е замислен да одговори на потребите на граѓаните за поинаков општествен спектар и воспоставување сосема поинаква рамнотежа помеѓу различните идеологии и сфаќања за обезбедување на иднината. Повикувајќи се на анкетите, оттаму велат дека политичката понуда се сведува на силна ВМРО-ДПМНЕ и на другата страна, смислено фрагментирана опозиција што поради разликите нема капацитет да се обедини и да стане реална закана за власта. Иницијативата сака да биде обединувач на општествениот капацитет зад нова идеолошка матрица и нова програма.

Иако имиња се уште не се споменуваат, од Иницијативата тврдат дека зад нив стојат петмина пратеници од СДСМ. Немаат намера да бидат фракција на Венко Филипче и на актуелното раководство, ниту нова партија што произлегува од СДСМ, ниту имаат намера да се занимаваат со евентуални внатрешни реформи на СДСМ.

Членови на оваа иницијатива во разговор за „Слободен печат“ велат дека граѓаните биле уморни од бесконечните дебати за внатрешните состојби во СДСМ и дека не бегале од нивниот дел од одговорноста за актуелните состојби во партијата.

Тие целосно се оградуваат од настапот на Шилегов, од неговите ставови и потенцираат дека тој не е дел од Иницијативата, бидејќи не ги споделува нејзините клучни вредносни критериуми. Однапред се оградуваат од каква било поврзаност со владејачката партија, односно – дека одработуваат за ВМРО-ДПМНЕ.

И лидерот на СДСМ, Венко Филипче за мај најави две „сериозни политички активности“ – формирање „Скопска иницијатива“, односно регионална иницијатива со повеќе политички партии од околните земји со кои прават заеднички фронт за европската интеграција, за борбата против корупцијата и за борбата против авторитарните режими. Фронтот ќе вклучува сестринските партии од Србија, Црна Гора, Босна и Херцеговина и Албанија. Втората активност во најава е програмскиот конгрес, на кој ќе ги објават постулатите на нивната програма за следните парламентарни избори, за кои, како што посочи, се сигурни дека ќе бидат предвремени.