Нов иновативен центар и академија за одржлив развој во Виница

Нов иновативен центар „Винчини“ и академија за одржлив развој „Прогресив“ ќе бидат свечено отворени денеска во рамки на компанијата „Макпрогрес“ ДОО – Виница.
Станува збор за нов мултидисциплинарен објект со простории за обука и соработка, со области за истражување и развој, со лаборатории за сензорна анализа и за креативно пакување и со изложбени салони.
Почетокот на работата на иновативниот центар и академијата, како што е најавено, ќе ги одбележат генералниот директор на „Макпрогрес“ ДОО – Виница Глигор Цветанов, претседателот на Стопанската комора на Северна Македонија Бранко Азески и шефот на Канцеларијата на ЕБОР во Скопје, Анди Аранитаси.
Од Стопанската комора соопштија дека проектот кој Макпрогрес доо Виница успешно го реализира во услови на една од најголемите светски здравствени кризи со сериозни економски импликации јасно ја покажува определбата на компанијата за континуирано инвестирање во еден од клучните предуслови за развој – стручен и соодветен кадар.
„Следејќи ги моделите на развиените земји со потврден квалитетен систем на образование, Макпрогрес реализира уште една во низата успешни бизнис приказни. Кон крајот на 2019 година одлучува да инвестира во развоен центар за нови производи и решенија со своите вработени, бизнис партнери, добавувачи, старт- ап компаниите, академската и научната фела, учениците од дуалното образование и младите како би одговориле на предизвиците на создавање на квалитетни производи и решенија во прехранбената индустрија, за одржлив развој на регионот“, велат од Стопанската комора.
Од таму додаваат дека овој концепт на работа, преку научно – истражувачки анализи да се развиваат иновативни производи, треба да бидат пример за компаниите дека само така се доаѓа до поуспешни, конкурентни фирми препознатливи и кај нас и ширум светот, а академиите кои се насочени кон професионална надградба на нивните стручни кадри, но и на извршните менаџери секако дека ќе придонесат за развојот на бизнис-секторот во овој регион, а со тоа и во државата.
Се нагласува дека инвестирањето во образование на кадри за потребите на бизнисот е една од клучните заложби и на Стопанската комора на Северна Македонија, за што веќе се преземаат и конкретни чекори преку секторот за развој, иновации и знаења при Комората, односно преку Советот за унапредување на високото образоавние, во насока на усогласување на понудата со побарувачката на работна сила, од една страна, како и поттикнување на инвестициите и извозот, од друга страна, како претпоставка за стабилна и развојна економија.
Анализите кои ги прави Комората од областа на пазарот на трудот, покажуваат дека нам ни е потребно токму она што го прави сега Макпрогрес со овој проект, а тоа е потесно специјализирање на кадарот и насоченост кон иновации и развој имајќи го предвид податокот дека 53% од новите работни места бараат стручно образование во определена област.
„Истражувачките и развојните центри треба да бидат клучната основа од каде што треба да се појде при градењето на стратегиите и дефинирањето на чекорите за натамошно придвижување напред, на економски план. Научно-истражувачки анализи, а не паушални констатации е нашето мото“, се вели во соопштението на Стопанската комора.