Нов чекор во добрите односи меѓу Македонија и Косово
Двете влади одржуваат заедничка седница во Приштина. По неа ќе бидат потпишани три меморандуми за соработка
Двете влади на Македонија и Косово денеска во Приштина имаа заедничка седница по што ќе бидат потпишани билатерални договори и меморандуми за соработка во повеќе области.
По официјалниот пречек, се одржа тет-а-тет средба на двајцата премиери, а во моментот се одржува меѓувладината седница.
По седницата, ќе бидат потпишани три документи, односно меморандум за соработка во областа на енергетиката, рударството и минералните суровини, со којшто ќе се дефинираат иницијативи за соработка во полето на енергетиката, гас, јаглен, електрична енергија и на релевантни инфраструктурни проекти за интерконекција за гас и други проектни иницијативи, како и иницирање соработка за испитување на можноста за развој на нова директна врска за гас Република Косово-Република Северна Македонија.
Вториот е Информација за склучување на протокол за спроведување на договорот за заеднички гранични премини „Блаце – Елез Хан“ и „Јажинце-Глобочица“. Со овој протокол се регулира начинот на проверки и царинска контрола, инфраструктурата на заедничките гранични точки, меѓусебно поврзување на системите на гранично управување и начинот на одржување на објектите.
Третиот документ што ќе се потпише е Меморандум за разбирање и соработка меѓу Министерството за образование и наука на Северна Македонија и Министерството за образование, наука, технологија и иновации на Косово.
Македонија и Косово немаат никакви несогласувања, нагласи на почетокот на својот говор косовскиот премиер Албин Курти на меѓувладината седница.
Тој рече дека Косово и Северна Македонија се соседи, пријатели и блиски партнери.
„Прво, почнав со една важна точка, Косово и Северна Македонија немаат несогласувања, имаме отворена комуникација и обемна соработка. Ние сме соседи, пријатели и партнери поврзани не само преку трговијата која секој пат расте, туку и преку нашите врски, семејства и бизниси кои се сè посилни и посилни“, рече Курти, пренесуваат косовските медиуми.
Понатаму, шефот на косовската влада го истакна симболичното значење на средбата што се одржува денеска, бидејќи таа се совпаѓа со 15-годишнината од воспоставувањето на дипломатските односи меѓу двете земји.
Македонскиот премиер Христијан Мицкоски на почетокот на седницата го изрази своето задоволство од срдечниот пречек што му го приреди неговиот колега Албин Курти денеска во Приштина во рамките на заедничката средба меѓу двете земји.
„Почитуван Албин. Ви благодариме за одличниот прием, енергијата и атмосферата што ни ги овозможивте денес овде во Приштина. Се надевам дека оваа убава енергија и убаво време ќе бидат нови импулси за уште подобри односи меѓу двете земји. Честопати се среќаваме надвор од нашите земји и разговараме за ситуацијата во нашите земји. Свесни сме за предизвиците, секој пат констатираме дека ако работиме заедно ќе бидеме посилни“, рече тој.
Понатаму Мицкоски рече дека целта е економската соработка да изнесува над половина милијарда евра.