Норвешкиот министер за здравство смета дека до Велигден ќе биде поинаку
Норвешкиот министер за здравство најави „сосема поинаква состојба“ на пандемијата до Велигден.
Шведска поднела барање за пет од шесте вакцини достапни преку механизмот на Европската Унија. Првата вакцина, онаа од Pfizer и BioNTech, може да биде одобрена од Европската Унија веќе на крајот на декември.
Швеѓаните најпрво ќе вакцинираат 600.000 луѓе во домовите за стари лица, а потоа и здравствените работници, лицата над 70 години и групите со висок ризик.
„Прво мора да ги заштитиме најранливите, а потоа да го вакцинираме целото население со цел пандемијата да забави, а потоа да запре“, изјави денеска за Ројтерс шведскиот шеф за јавно здравје, Јохан Карлсон.
Шведска воведе најблаги ограничувачки мерки во Европа, поради што стапката на инфекција и смртност е поголема отколку кај нејзините нордиски соседи, но пониска отколку во неколку европски земји кои се одлучија за целосно затворање. Голем број луѓе починале во домовите за стари лица, а властите беа критикувани затоа што не ги заштитиле. Карлсон очекува вакцинацијата да започне во првиот квартал од следната година, во зависност од брзината на одобрување и дистрибуција на вакцината.
Соседна Норвешка планира да користи три вакцини – од Модерна, АстраЗенека и Фајзер / БиоНТех.
Осло нарача вакцина за околу 1,25 милиони луѓе во првиот квартал од следната година. Норвешка има 5,4 милиони жители, а како земја надвор од Европската Унија, под механизмот на ЕУ, ќе добие пристап до вакцините преку Шведска, која ќе купи поголема количина, а потоа ќе ја продаде на западниот сосед по Новата година.
„До Велигден, ќе имаме сосема поинаква ситуација од денес“, изјави денеска норвешкиот министер за здравство, Бенте Хои.