Норвешка го пренасочува богатиот фонд од инвестирање во Европа кон купување американски акции
Норвешкиот суверен фонд, вреден 1,15 трилиони долари, треба повеќе да се пренасочи кон инвестиции во САД и Канада, а да намалува во Европа, предложи денеска малцинската Влада на земјата.
Таквиот предлог, доставен до Парламентот по препорака на норвешката централна банка која управува со фондот, на крајот може да резултира со трансфер на повеќе од 100 милијарди долари во американски акции.
– Измените што ги предлагаме ќе обезбедат подобра распределба на инвестициите во создавање додадена вредност во компаниите кои котираат на глобално ниво, нагласи министерот за финансии Јан Торе Санер во соопштение.
Најголемиот светски суверен фонд традиционално им даваше приоритет на европските берзи, фокусирајќи се на земјите со кои Норвешка најмногу тргува, а помалку на земјите во Северна Америка.
Фондот во моментов поседува околу 1,5 процент од сите акции на глобално ниво, при што неговиот сопственички удел во компании во Европа изнесува 2,6 проценти од сите акции, и нешто повеќе од 1,0 проценти во САД, се наведува во информацијата.