НОМАГАС ја зголеми капиталната вредност


Акционерското друштво за извршување енергетска дејност, пренос на природен гас, НОМАГАС АД Скопје, во сопственост на државата, денес објави дека успешно ја зголемило својата капитална вредност преку преобразба на побарувањата на Република Северна Македонија по основ на исплатени долгови кон странски доверители во постојан влог.

 

Според НОМАГАС, ова е важен чекор реализиран по нивна иницијатива и со поддршка и предлог од Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини, и претставува цврста основа за успешно работење и иден развој на гасната инфраструктура на државава, како и за зајакнување на сопствената позиција како дел од европскиот енергетски коридор Север-Југ.

Тие нагласуваат дека со заедничка и координирана работа, успехот е неизбежен и оти со донесување на Законот за претворање на побарувањата на Република Северна Македонија по основ на платени обврски кон странски кредитори во траен влог во АД НОМАГАС Скопје, државата покажала сериозност и придонес во развојот на гасификацијата. Одлуката, како што велат од НОМАГАС, се базира на две јасни начела – зголемување на ефикасноста на функционирањето на НОМАГАС и обезбедување на финансиска стабилност и солвентност на друштвото.

Укажуваат дека оваа мерка доаѓа во клучен момент – непосредно по успешното започнување на работите на Интерконективниот гасовод со Република Грција, проект од стратешко значење за регионалната енергетска поврзаност.

За НОМАГАС, стои во информацијата, ова претставува уште една потврда за посветеноста кон исполнување на европските стандарди за оператори на преносни системи за природен гас. „Со усвојувањето на овој закон се зголеми солвентноста на НОМАГАС АД Скопје, а со тоа и непреченост на операторот на системот за пренос на природен гас да продолжи да го развива национален гасоводен систем во Република Северна Македонија, со цел снабдување на стопанството, јавниот сектор и домаќинствата со евтина и еколошка енергија, а истовремено и намалување на емисијата на штетни гасови во атмосферата.“

Со ваквите активности, НОМАГАС ја потврдува својата улога како двигател на енергетската транзиција и интеграцијата на Северна Македонија во регионалниот и европскиот енергетски пазар, информира НОМАГАС.