НЛБ Банка прогласена за „Банка на годината во 2025“ од магазинот The Banker


Наградата „Банка на годината“ претставува репер за квалитет и достигнувања во глобалната банкарска индустрија. Секоја година, The Banker оддава признание на водечките банки ширум светот кои покажале исклучителни перформанси и лидерство на нивните пазари во насока на стратешки иницијативи, технолошки иновации, програми за одржливост и услуга за клиентите.

Издвојувајќи се токму по своите силни финансиски резултати, клиентски ориентиран пристап, посветеност кон дигиталната трансформација и зелено финансирање, НЛБ Банка Скопје, по дванаесетти пат, ја доби оваа престижна награда за 2025 година.

 „Водени од очекувањата на клиентите за дигитални услуги, персонализација и одржливост, вложивме во напредни технологии и зелени иницијативи. Во текот на изминатата година ја унапредивме нашата дигитална платформа и развивме финансиски решенија прилагодени на потребите на клиентите. Нашиот врвен приоритет е трансформација во целосно дигитална банка, при што истовремено ја продлабочуваме довербата на клиентите, поттикнуваме иновации и продолжуваме да бидеме одговорни лидери на пазарот.“- истакнува Претседателот на Управниот одбор на НЛБ Банка Скопје, Тони Стојановски и додава дека оваа награда е само уште една потврда за улогата на Банката во финансискиот систем и севкупниот економски развој во земјата.

Меѓународната публикација за финансии The Banker е во сопственост на The Financial Times Ltd. Речиси еден век, The Banker е водечки светски магазин кој ја следи банкарската индустрија преку теми поврзани со глобалните финансиски случувања, отсликани преку мислења, профили и интервјуа на банкарски и финансиски фигури. Признанијата на The Banker за „Банка на годината“ се сметаат за Оскари во банкарската индустрија и истите се доделуваат на врвни финансиски институции во светот.