Њујорк тајмс: ЕУ санкционира блиски соработници на Путин поради труењето на Навални  


ЕУ ќе ги замрзне финансиите и ќе забрани влез во Унијата на шест блиски соработници на рускиот претседател Владимир Путин поради труењето и обидот за атентат со отровен хемиски агенс врз рускиот опозиционер Алексеј Навални, дознава Њујорк Тајмс. 

Весникот наведува дека под санкции потпаѓаат едни од највисоко поставените службеници во руската власт: Александар Бортников, директор на Федералната служба за безбедност (наследничка на КГБ) и Сергеј Кириенко, заменик шеф на кабинетот на рускиот претседател Владимир Путин. 

Труењето на Навални се случи на 20 август во Томск, Сибир. Според тројца високи службеници на ЕУ, овие лица знаеле за ова или биле вклучени во планирање на операцијата. 

Под санкции, исто така, потпаѓаат и Сергеј Менјаило, овластен преставник на претседателот на Русија за Сибирски федерален округ, Андреј Јарин, началник на Управата за внатрешна политика на претседателот, двајцата заменици министри за одбрана, Павел Попов и Алексеј Криворучко. 

На сите нив им се замрзнати финансиите и капиталот во ЕУ, и им е забранет влез во Унијата. 

ЕУ ќе воведе санкции и против рускиот државен Институт за органска хемија, каде, според западните разузнавачки служби, бил произведен нервниот агенс „новичок“, употребен против Навални, кој од Омск беше префлен во Берлин на неколку неделно лекување. Потврда дека тој бил отруен со хемиско оружје дојде од две независни лаборатории од Франција и Шведска, како и од Организацијата за забрана на хемиско оружје со седиште во Хаг. 

Ова не е првпат Русија да употреби нервни агенси за атентат на лица кои власта ги смета за непожелни.  

 Поранешниот руски таен агент Сергеј Скрипал, и неговата ќерка Јулија, исто така, беа цел на сличен напад што се случи во Салсбери, Англија, во 2018 година. Од 2015 до 2020 година, покрај случајот Навални, Кремљ во неколку наврати употреби хемиско оружје за замолчување на критичарите на власта, како на пример против новинарот и активист Владимир Кара-Мурза и против Пјотр Верзилов, член на арт-групата „Пуси рајот“.