Ништо од зголемување на минималната плата, само усогласување од 1.660 денари, сега е 26.046 денари нето
Владата, работодавачите и некои од синдикатите не се согласија со барањата на ССМ за 600 евра минимална плата
Нема ништо од зголемување на минималната плата, како што бараа синдикатите. На денешната седница на Економско-социјалниот совет беше донесена одлука за законско усогласување на минималната плата кое што се врши еднаш годишно врз основа на зголемувањето на просечаната плата во земјава и порастот на трошоците на живот. Усогласувањето е во нето износ од 1.660 денари, односно минималната нето плата во 2026 година ќе изнесува 26.046 денари.
Ова е многу помалку од барањата на синдикатот, за манималната плата од 600 евра, како и за зголемување на другите плати. Ова беше причина и за напуштање на претседателот на ССМ, Слободан Трендафилов, на денешната седница на ЕСС, и за најава на протести во текот на март.
Како што изјави на прес-конференција во Владата, министерот за економија и труд Бесар Дурмиши, со усогласувањето минималната нето плата се зголемува 1.660 денари во нето износ во однос на претходната година.
„На денешната седница на Економско-социјалниот совет беше утврдена минималната плата согласно член 4 од Законот за минимална плата“, рече Дурмиши.
Тој посочи дека усогласувањето на минималната плата секоја година во март се врши врз основа на јасно утрвдена формула и тоа 50 отсто врз основа на просечно исплатената нето плата и 50 отсто врз основа на индексот на трошоциоте на живот, според официјалните податоци на Државниот завод за статистика.
„Според објавените податоци за претходната година, просечно исплатената нето плата бележи раст од 9,6 отсто, додека индексот на трошоците за живот изнесуваше 4,1 отсто“. рече Дурмиши.
Применувајќи ја законската формула, тој додаде дека се добиваат 4,8 проценти од порастот на платите и 2,05 од порастот на трошоците на живот, односно вкупното усогласување на минималната плата е 6,86 отсто.
„Со ова усогласување минималната плата која во 2025 година изнесуваше 36.037 денари во бруто износ за 2026 година ќе изнесува 38.507 денари во бруто износ односно 26.046 денари нето. Тоа претставува зголемување за 2.470 денари во бруто износ односно 1.660 денари во нето износ во однос на претходната година“, рече Дурмиши.
Тој додаде дека ова усогласување е системски утврдено законско решение кое обезбедува раст на минималната плата согласно економските движења штитејќи го животниоот стандард на работниците но истѕовремено водејќи сметка за одржливоста на економијата.
Претходно, претседателот на ССМ, Слободан Трендафилов, на Фејсбук објави дека ја напуштил седницата на ЕСС.
„Денеска, на мала врата пробаа да утврдат усогласување на минималната плата за околу 1.600 во што ССМ нема мандат да учествува и ја напушти седницата на ЕСС. Жалосно е тоа што Владата, работодавачите и другите синдикати се на истиот став, а тоа е минималната плата само законски да се усогласи и да не се зголеми. За жал, борбата продолжува повторно на улица на средина на март!“, објави Трендафилов на Фејсбук.
На почетокот на седницата на ЕСС, премиерот Христијан Мицкоски изјави дека како Влада ги регулирале односите со 95 отсто од вработените во администрацијата преку колективни договори кои што имаат краен рок на реализирање до 2028 година
Мицкоски информираше дека на денешната седница е информација за висината на минималната плата која ќе биде во 2026 година согласно закон, укажувајќи дека очекува да помине оваа информација утре на владина седница.
„Денеска на дневен ред е информација за висината на минималната плата, која ќе биде во 2026 година согласно закон. Очекувам дека на следната владина седница да го поминеме и како Влада и потоа нормално согласно висината на минималната плата од април за март да почне истата да се исплатува“, истакна Мицкоски и додаде дека очекува бипартитниот дијалог меѓу работодавците и работниците да продолжи во иднина да се интензивира.
„Очекуваме да продолжи и да се интензивира бипартитниот дијалог помеѓу работодавачите и работниците. Ние како Влада секогаш стоиме на располагање да помогнеме во рамките на нашите можности и ингеренции. Се што е во рамките на институциите, институционален дијалог треба да се охрабри, затоа што само така може да се дојде до конструктивно решение. Вонинституционални механизми секогаш постојат, демократска држава е Македонија, но ценам дека искуство вели дека се што е во рамки на институциите носи решение. А сѐ што е надвор од рамките на институциите, мислам дека не само што не носи решенија, туку апсолутно ги поларизира нештата“, рече Мицкоски.