Ништо не остана од фабриката „Тила“ по пожарот, но тие не се откажуваат


Големиот пожар што вчера околу 13 часот ја зафати прилепската конфекциска фабрика „Тила“ уште истиот ден беше локализиран, а пожарникарите останаа цела вечер да контролираат нешто повторно да не се запали. 

Според објавата на социјалните мрежи, од сопственичките, од фабриката не останало ништо. Сите материјали со кои требало да работат се изгорени, а просториите уништени. 

Прочитајте ја нивната објава:

„Драги наши пријатели, за оние кои сеуште не се информирани, со многу тешко срце и голема болка во душата, Ве информираме дека вчера на 21.04.2023 г во фабриката Тила изби пожар во кој за жал изгоре се!
Причините за пожарот за жал сè уште не се познати и се чека од страна на надлежните органи на утврдување на истите како и на процена на направената штета. Во моментот на избивањето на пожарот фабриката не работеше и нема повредени.

За оние кои не знаат брендот Тила е дело и креација на две сестри кои со помош на нивната семејна компанија конфекција Хатра започнуваат со креирање и менаџирање на компанијата уште во своите рани 20ти години!
Брендот Тила го градиме веќе 15 години и со години беше и е единствен македонски бренд на детска облека кој функционира професионално од типот на дизајнерските брендови. Создаден е со премногу љубов, преголем труд и чесна и макотрпна работа. Тоа што ни се случи е премногу болно и тешко за нас бидејќи е вложен многудишен труд и средства за да изградиме современа фабрика и висок стандард на квалитет на нашиот бренд.

Сакаме да Ве информираме дека нашите продажни места и понатаму ќе продолжат со работа, а благодарение на нашите пријатели и нивната подршка производниот процес ќе го продолжиме во најбрз можен рок.

Воедно Ви се заблагодаруваме за Вашата безрезервна поддршка која ни ја дававте и во изминатите години, а која сега ќе ни значи најмногу од се. Тила живее преку Вашите најмили и се надеваме така и ќе продолжи и во иднина!“, велат од „Тила“.

Продавници од овој бренд има во сите поголеми трговски центри во Скопје, а сопствениците велат дека објектот бил осигуран.

.