Ништо не може да ја запре: Албанија го отвори и последниот кластер во преговорите со ЕУ

Албанија ги отвори сите шест кластери за само 12 месеци. Македонскиот премиер Мицкоски тврди дека Македонија е пред Албанија на патот кон ЕУ


Еди Рама и Марта Кос пред „Ѕидот на проширување“ каде се штиклира со различни бои напредокот кон ЕУ

 

Нашиот сосед Албанија го направи незамисливото, ги отвори сите шест кластери во преговорите со ЕУ за само 12 месеци. Таа го отвори и последното групно поглавје од пристапниот процес: Ресурси, земјоделство и кохезија. Официјалниот почеток на преговорите за овој шести кластер ќе биде на 17 ноември во Брисел на седмата меѓувладина конференција.

Отворањето на последниот кластер го соопшти премиерот Еди Рама.

Тој го опиша потегот како „рекордно достигнување“, истакнувајќи дека сите кластери за преговори се отворени во рок од 12 месеци – најбрзото темпо забележано во процесот на проширување на ЕУ.

Во објава на социјалните медиуми, премиерот рече дека „ништо не може да нè запре на нашиот пат кон Албанија 2030 во ЕУ“, додавајќи дека целта на владата е да го заврши процесот на преговори до 2027 година.

Рама го истакна економскиот раст на земјата, зголемувањето на платите и пензиите, како и зголемените домашни и странски инвестиции, нагласувајќи дека во овој период не се воведени нови даноци.

Европската комисија и земјите-членки на ЕУ сè уште не дале коментар за временската рамка предложена од албанската влада, но отворањето на сите кластери за преговори претставува значаен чекор на патот на земјата кон членство во ЕУ.

Можеби ЕУ не дала временска рамка за завршувањето на преговорите, но македонскиот премиер (а по него и пониски функционери) по објавувањето на лошиот извештај на Европската комисија за Македонија рече дека перцепцијата била погрешна:

„Не можам да се согласам со констатацијата дека има некои други земји коишто се пред нас. На пример, ние сме многу пред Албанија. Иако некои од еврокомесарите даваат такви изјави какви што даваа така што кога ќе се анализира состојбата на државите кој е подготвен, кој не е подготвен, објективна оценка е дека Црна Гора е прва, на второто место сме ние и Србија, па потоа доаѓаат Албанија, БиХ, Косово“, рече Христијан Мицкоски. 

Тоа беше негова реакција не само на извештајот туку и на оценките на еврокомесарката Марта Кос дека на патот кон ЕУ сега има четири земји во првата група: Црна Гора, Албанија, Молдавија и Украина; а дека во втораста група се Македонија, Србија и Босна и Херцеговина.

„Северна Македонија не презеде одлучни чекори да напредува во процесот на пристапните преговори во изминатата година. Таа мора да ги донесе уставните измени согласно заклучоците на Советот на Европа од 2022 година за да напредува на својот пат кон Европската Унија“, порача Кос при презентирањето на извештаите.

Во извештајот, меѓудругото, се наведува дека „Северна Македонија не постигна никаков напредок во превенцијата и борбата против корупцијата. Корупцијата останува распространета во многу области и е прашање од сериозна загриженост“.

Со отворањето на последниот кластер значи дека Албанија ги отстрани сите црвени точки од „Ѕидот на проширувањето“ во Брисел.

За време на посетата на Брисел по повод отворањето на поглавјата од Зелената агенда на 16 септември, комесарката за проширување, Марта Кос, му го подари на премиерот Еди Рама „Ѕидот на проширување“, табла што го покажува напредокот во процесот на проширување на ЕУ за Албанија и другите земји-кандидатки.

„Ова е ‘Ѕидот на проширување’. Албанија се движеше толку брзо. Кога дојдов во декември, речиси сè беше во црвена боја. Црвената покажува дека сè уште не е отворена, жолтата дека е отворена, а зелената дека е затворена“, рече Кос на таа средба.

Марта Кос за време на објавувањето на извештајот на ЕК за пристапувањето минатата недела оцени дека „Албанија постигнала невиден напредок од меѓувладината конференција во октомври 2024 година“.

„Овој извонреден резултат е јасен знак за силната политичка посветеност на Албанија и европските аспирации на општеството на оваа земја, каде што 91 отсто од граѓаните го поддржуваат членството во ЕУ“, нагласи Кос.

Првата конференција меѓу Албанија и ЕУ се одржа одржа на 19 јули 2022 година, истиот ден кога беше и меѓувладината конференција меѓу Македонија и ЕУ. До октомври двете земји беа во пакет за пристапувањето, но потоа ЕУ ги оддели затоа што Македонија е заглавена со уставните измени.

Од втората конференција, на 15 октомври 2024 година, кога Албанија ги отвори преговорите за групата „Основи“, која вклучува поглавја за функционирањето на демократските институции, судството, основните права и финансиската контрола, Тирана оди со ракетна брзина кон Унијата.

Третата конференција, на 17 декември 2024 година, беше посветена на „Надворешни односи“. Четвртата конференција, на 14 април 2025 година, ги отвори преговорите за групата поглавја „Внатрешен пазар“, вклучувајќи ја слободата на движење на стоки, капитал и работници. Петтата конференција, на 22 мај 2025 година, се фокусираше на „Конкурентност и инклузивен раст“, ​​вклучувајќи поглавја за даноци, социјални политики, образование и царина.

Шестата конференција, на 16 септември 2025 година, се осврна на групното поглавје „Зелена агенда и одржлива поврзаност“, кое вклучуваше енергија, транспорт, животна средина и клима. (Н.В.)