„Ништо не е случајно“: За СДСМ куќниот притвор за Груби е потврда дека сè е договорено


Одредувањето куќен притвор за Груби е потврда дека сè е договорено. Затоа судството и обвинителството се ставени под директна контрола на Мицкоски и ВМРО, за што со месеци зборува СДСМ, реагираа со соопштение од опозициската партија.

„Дилот ВМРО–ДУИ се спроведува пред очите на јавноста“, велато од СДСМ.

Како што наведуваат, прво со договореното враќање и режираното снимање на граничниот премин.

„Не работеа камерите кога Груби си замина преку граница, слободно, со пасош, иако бил на стоп-листата. Но, за договореното враќање на Груби камери има на секој чекор – од граница, пречек, па сè до Обвинителството и Судот“, велат од СДСМ.

Потоа, како што додаваат, следуваше веќе подготвената кампања по медиумите под контрола на Орбан, а сега и одлуките за куќен притвор.

„Ако некој еднаш избегал од државата, зошто му се одредува куќен притвор“, прашуваат од СДСМ.. „Пеш преминал преку граница и побегнал. А бил на стоп-листа. Сега, после 14 месеци бегство – се враќа и му де одредува куќен притвор. На кого уште не му е јасно ова сценарио?“, се додава во соопштението.

„Ништо не е случајно.  Ова е дел од договорот меѓу ДУИ и ВМРО. Останува само да видиме која е цената“, посочуваат од СДСМ.

 Од ВМРО-ДПМНЕ пак, велат дека одлуката за домашен притвор е на Обвинителството, како и дека сите забелешки може да ги испратат до таа адреса.

„СДС треба да се договори со себе бидејќи се исклучително недоследни. Изутрина тврдат дека ДУИ одработува за ВМРО-ДПМНЕ, а сега дека е обратно.

А всушност СДС се вистински во паника затоа што нивниот криминоген другар Артан Груби може да проговори за сите ортачки криминали на владите на Зоран и Вице, на Венко и Ковачевски, за бизнисите на Зечевиќ“, стои во реакцијата на ВМРО-ДПМНЕ.

„Црната кутија за криминалите на СДС и ДУИ падна. Прашање на време е кога “исплашените” од СДС ќе му прават на судските клупи друштво на Артан Груби“,  велат од ВМРО-ДПМНЕ.