Ништо не е решено за коалиција со ДУИ, вели Спасовски

Сите опции треба да бидат во игра и да се разгледуваат.
Вака вечерва одговори министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски на дилемите дали е можна коалиција на СДСМ со ДУИ на парламентарните избори. Тој нагласи дека уште нема одлука од раководството на СДСМ како ќе се настапи на изборите. Во тек е анализата од која треба да произлезат одлуките – какви би биле коалициите.
„Сите одлуки треба да се донесат врз основа на анализи. Анализите на крајот треба да донесат изборен резултат што ќе значи победа на изборите. Моментално се работи на таква анализа во партијата и тука треба да се донесат одлуките – какви би биле коалициите. Но, едно е важно, дека проевропскиот фронт го имаме како фронт што ќе се бори против оние кои немаат некаков концепт за иднината и не нудат никакви решенија. Анализите ќе покажат што е најдборо и сигурно дека така ќе настапи партијата. Сите опции треба да бидат во игра и да се разгледуваат. Коалицискиот потенцијал на СДСМ е далеку поголем од оној на опозицијата и во тој правец и понатаму ќе се работи“, рече Спасовски, Прашан дали Алијансата на Албанците може да влезе во комбинација, Спасовски напомена дека „ако анализите покажат дека треба да се оди на заеднички листи, сите кои се за европскиот фронт тоа треба да се направи или ако анализите покажат дека треба да се оди на посебни, раздвоени листи, секако дека СДСМ ќе настапи на изборите со својата коалиција што ја има сега, со своите традиционални партнери“.
Во гостувањето на ТВ 21 тој посредно му порача на претседателот Стево Пендаровски да биде повнимателево изјавите околу пасошите.
„Сега е време на избори и секој цени дека треба да даде соодветни изјави. Јас не би навлегувал во никакви конфронтации. Роковите не се утврдуваат на Влада, туку со закон. Самиот факт што го изнесе и претседателот, дека има потреба да се промени Законот за лични карти за да се продолжи рокот, апсолутно не е така, бидејќи Законот не бил воопшто никогаш сменет за да може да се продолжува рокот. Мислам дека не треба да бидеме под наплив на некакви емоции во овој момент кои ќе придонесат да се креира дополнителен проблем“.
Досега се променети 1.210.000 пасоши, повеќе од 1,1 милион лични карти и околу 540 илјади возачки дозволи.