Николовски: Понуденото земјоделско земјиште не е ограничено на над три хектари


Објавувањето на слободното земјоделско земјиште не е ограничено на над три хекатри, рече денеска министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Љупчо Николовски.

-Сите капацитети на МЗШВ се ставени во фунција на евидентирање на целото слободно земјиште и согласно Законот, се објавуваат огласи за доделување до и над три хектари, истакна Николовски, одговорајќи на новинарски прашања по прес-конференцијата на која соопшти дека се објавени пет јавни повици од Програмата за рурален развој.

Според Николовски, вчера објавениот оглас е прв и наменски, за производителите на житни култури.

-Ги повикуваме земјоделците да аплицираат. Постапката ќе биде многу кратка, 20 дена за аплицирање. Приоритет на Владата сега беше да објави оглас за површини кои се поголеми, 650 целини се ставаат на располагање за да се зголеми производството на стратешките култури, истакна министерот и најави дека многу скоро МЗШВ ќе и предложи на Владата да распише оглас за нови 6 000 хектари. 

Тој информираше исто така дека е воведен интервентен фонд со кој 40 проценти се покрива  вештачкото ѓубриво што им е потребно на земјоделците, на фармерите, за сончоглед, за пченка, за јачмен и за пченица за она што е стратешко производство за државата.

– Од вчера во функција е модулот за аплицирање за сите оние што набавиле вештачко ѓубриво и има зголемен интерес кај земјоделците во само еден ден да аплицираат во голем дел за мерките.Тоа значи дека набавиле ѓубриво тоа значи дека имаа фискални сметки и тоа значи дека вчера преку  подрачните единици на МЗШВ до Платежната агенција веќе ги доставуваат овие барања за исплата односно за повраток на 40 проценти  од поддршката што Владата им ја дава за сончоглед и за останатите култири, појасни Николовски.

Тој информира дека кај сончогледот тоа значи 2500 денари покривања од државата по хектар за искористеното ѓубриво. Земјоделците овие средства, информира, ќе ги добиваат неделно и нема да чекаат со месеци и наредна година.

– Кажавме до петок аплицирање, следниот петок исплата за сите оние што ќе аплицираат оваа недела, нагласи Николовски.

Според него, ние сме една од ретките земји што воведе и „Зелена нафта“ за механизација, која кај сончогледот изнесува 2200 денари по хектар кофинансирање од државата за земјоделците.

Министерот Николовски наведе дека една од мерките е и навремено и предвремено да бидат пуштени системите за наводнување во земјава.

– Со гордост кажуваме дека оваа година направивме се’ со натчовечки напори и работа на вработените во А.Д. Водостопанство се’ со цел да бидат исчистени каналите и подготвени.Веќе во најголем дел системите за житни култури се во функција и секаде каде што е потребно на дневна основа МЗШВ и А.Д.Водостопанство работи на отстранување на пречки, изјави Николовски.

Тој нагласи дека оваа година е прва во која предвреме ги пуштаат  системите за наводнување со цел за поголемо производство ,за неопходните култури.

Нагласи дека целта на МЗШВ годинава е зголемување на домашното земјоделско производство.

Министерот Николовски посочи дека вовеле и дополнителна субвенција од 100 евра по хектар за сите оние кои ќе ги воведат сите агротехнички мерки, ќе искористат вештачко ѓубриво од државата, ќе добијат и Зелена нафта, а имаа на располагање и земјоделски површини во брзи постапки да ги стават во функција,

Им порача на земјоделците да ја искористат оваа година за производство на сончоглед и ако произведат повеќе од 1,5 тон, ќе добијат 100 евра по хектар.

– Денеска промовираме уште една мерка,секој ден нови мерки секој ден нови квалитети.За да не заврши домашното производство  за извоз  нашиот сончоглед од нашите ниви за којшто даваме најголема поддршка од целиот регион,туку да се предаде во домашните фабрики за масло  со што  ќе можат да  произведуваат масло од сончоглед,воведуваме нова политика со која субвенциите коишто земјоделците ги добиваат ги обврзуваме  да имаат доказ, дека целокупното произвоство го предале на домашните капацитети за призводство на домашно масло за јадење,појасни министерот Николовски