Николоски замислува брзата пруга до Гевгелија да одела од Куманово преку Штип, Радовиш и Струмица

Во плановите на на министерот Скопје би било на според колосек, поврзано со пругата преку „тријаголник“


 

Министерот за транспорт, Александар Николоски, имал и разработен план каде би одела брзата пруга, чиј заговорник е тој, низ Македонија и да оди до Солун. Според неговите планови, Скопје е на спореден колосек, дел од „тријаголникот“ за поврзување.

Планот што го изнесе Николоски во интервју за поткастот „Каде се парите? Со Горан Теменугов“ изгледа вака:

„Треба допрва да има физибилити и предфизибилити студија. Мое лично мислење е дека треба да одиме со пруга над 200 км на час. И мислам треба да одиме по наједноставниот терен, а тој би бил од Табановце, па да се спушти под Куманово до Свети Николе, потоа Штип, Радовиш, Струмица и да се врзе кај Миравци, Гевгелија и Солун. Секако, треба да се направи три,аголник кој ќе го поврзе Скопје со брзата пруга. Дали тоа ќе го покаже предфизибилити и физибилити студијата не знам, но мислам дека ова е најлогичното решение.

Во однос на цените, брзата пруга би чинела околу 2,3 до 2,5 милијарди евра, а за да биде оперативна од почеток на градба до прва операција на воз, би ни требало околу 5 години. Во однос на финансирањето знам дека нема да бараме пари од Кина, Русија и Саудиска Арабија. Ако ЕУ сака да ја финансира е добродојдена, но прво мора да го обезбедиме финансирањето пред да почнеме да ја градиме“.

Ваквиот план би бил преседан во железничката мрежа, затоа што главниот град на една мала држава како Македонија, каде живее две петини од населението и каде е сконцентрирано најголемиот дел од стопанството, да биде споредна точка во еден ваков проект. А другите поголеми градови на север сѐ до Будимпешта да бидат директно поврзани.

Николоски изјави дека има и план за реконструкција на сегашната пруга од Табановце до Гевгелија. Со проектот се предвидува брзина на возовите од 80 км за карго превоз и 120 км за патнички превоз. Цената на овој зафат би изнесувала 250 милиони евра. Според неговите зборови, од ЕУ имало позитивни сигнали за финансирање преку ИПА 3 компонентата од каде би можеле да стигнат стотина милиони евра, а другите пари би биле од домашниот буџет.