Николоски во Париз, очекува подобрување на економските и политички односи меѓу Македонија и Франција

Вицеремиерот и министер за транспорт Александар Николоски од утрово ги започна средбите со претставници на Владата на Француската Република на кои се разговара за подобрување на севкупните политички и економски односи.
„Подобрувањето на односите со Франција се клучни и затоа оваа средба ја сметам за многу значајна. Утрово веќе остваривме средба со првиот човек за Европа во рамките на француската влада каде разговаравме за подобрување на билатералните односи и во политичкиот и во економскиот дел, а во текот на попладнето ќе имаме средби со директорката на трезорот на Француската Република како и со директорот на Агенцијата за поддршка на Република Франција. Тука секако е и Министерството за еконсмија и финансии и средбата со 11 -те најголеми француски компании кои што ќе ги поканиме да инвестираат во Македонија, со цел во Македонија да се отвораат нови и добро платени работни места. Сметаме дека Македонија може да е атрактивна дестинација за француските компании и инвеститори“, вели Николоски.
Исто така, како што додава, ќе се разговара за инфраструктурата и развојот што се планира и во автопатскиот дел и делот на аеродромите и во делот на железницата.
„Двата македонски аеродроми се оперирани од француска компанија и сме многу задоволни како се одвива соработката особено со нови летови“, рече Николоски потсетувајќи за 11 нови летови.
Тој за утре ги најави средбите со министерот за транспорт, Филип Табаро, на која ќе разговара за целокупната соработка меѓу двете држави.
„Тука е средбата со УНЕСКО каде ќе разговараме за заштитата на Охрид и Охридското езеро и средбата со пратениците во Француското Национално Собрание каде ќе зборуваме за подобрување на политичките односи“, рече Николоски.
Тој најгласи дека оваа државна посета ќе ги донесе на едно повисоко ниво односите меѓу Македонија и Франција што е од корист за двете држани, што значат многу за нас како земја членка во НАТО и партнер на Франција во НАТО и нашите амбиции за членство во ЕУ и најважното – подршка на македонскиот национален идентитет, засебноста на македонскиот народ и македонскиот јазик.