Николоски: Изградени 70 проценти од браната Отиња, Истокот ќе добие рекреативно вештачко езеро
Со изградбата на браната Отиња, од која досега се реализирани 70 проценти, источниот дел од државата ќе го добие првото рекреативно вештачко езеро, кое ќе биде туристичка атракција, а се очекува да биде во функција пролетта 2028 година, изјави денеска вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски.
При увидот на работите на терен Николоски истакна дека изградбата на проектот се одвива според предвидената динамика и оти има доволно средства во Буџетот за негова реализација, посочувајќи дека од обезбедените 488 милиони денари реализирани се 311 милиони денари.

– За изградбата на браната Отиња до денес имаме 70 проценти реализација, а крајниот рок е април 2027 година, но доколку не послужат временските услови, доколку имаме сува градежна сезона може да го завршиме езерото уште оваа година. Потоа ќе биде потребно да се наполни една година, што значи некаде во пролетта 2028 година тука да видиме езеро што навистина ќе биде атракција и огромна работа- рече Николоски.

Ова вештачко езеро, посочи, ќе значи многу за развој на туризмот и за целата локална економија.- Налик на Мавровското Езеро треба да го развие целиот регион и да претставува главна туристичка атракција во текот на летото за жителите на источниот дел на државата, но исто така и во текот на годината да се користи за рекреација, за развој на туризмот, да доаѓаат луѓе, и секако да се отвораат нови работни места. Езерото ќе служи и за наводнување и доколку е потребно во одредени критични периоди и за решавање на проблемот со водоснабдување, изјави Николоски.

Со градоначалникот на Штип Иван Јорданов, како што рече, веќе разговарале и за уредување на просторот околу езерото, за да се искористи трупот на браната како патека од едниот до другиот крај на езеото и да се поврзе со Штип.

Градоначалникот Јорданов потенцираше дека проектот е во напредна фаза и оцени дека заедно со останатите што се реалиизраат преку Министерството за транспорт ќе се создадат услови за развој на Штип и ќе го променат визуелно и функционално.

– Овој објект има суштинско знечење за развојот на Штип. Најпрвин ќе влијае на регулација на водостојот на Отиња, за развој на овој цел потег, за развој на туризам, можност за рекреација на граѓаните на Штип, но и на целиот Исток. Од она што имавме можност да го видиме денеска верувам дека Штип ќе продолжи да се развива со засилена динамика, а ќе се развива и целиот Исток. Очекуваме на следното доаѓање да се исполни водното огледало што ни е крајна цел, а дополнително со Министерството да ги планираме останатите активности овде што ќе создадат развој во нашиот град- изјави штипскиот градоначалник Јорданов.