Николоски или Муцунски: Кој е надлежен за проблемите на транспортерите?

Премиерот вели дека надлежен за решавањето на маките на камионџиите е министерот Тимчо Муцунски, а вицепремиерот Александар Николоски оди на граничен премин да им се придружи на бунтот


Александар Николоски и Тимчо Муцунски

 

Неколку изјави во последниве денови околу големите проблеми што ги имаат камионџиите на шенгенската територија со правилото за престој 90/180 освен што ја анимираа јавноста за ситуација ги изложија и амбициите во Владата кој да биде предводник на буната на транспортерите. А со тоа и да го зголеми својот политички рејтинг.

Министерот за транспорт, кој е и вицепремиер, Александар Николоски, даваше изјави за катастрофи кои може да ја очекуваат македонската економија. Оној што бил надлежен да го решава проблемот на транспортерите, министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, беше отсутен од земјата, но изгледа и отсутен за да се задлабочи во проблемот и да најде решение, заедно со неговите колеги од регионот. Министерот за економија, Бесар Дурмиши, е безгласен. Неговото министерство како да не постои, тој главно се јавува само кога треба да се зборува за некоја нова потрошувачка кошница или замрзнување или незамрзнување на маржи и слично.

Вицепремиерот Николоски на 22 јануари во Собранието, одговарајќи на пратеничко прашање рече дека новиот систем за влез и престој во ЕУ може да ги уништи транспортерите, но и македонската економија. Претстојот на камионџиите во ЕУ тој го означи како судбински за економијата.

Тој ја нарече политиката на ЕУ „праволиниска“ и дека Унијата не била ни свесна за проблемот со кој што се соочуваат земјите од регионот. Според Николоски, проблемот на транспортерите е еден од трите најголеми предизвици за македонската економија, покрај јаглеродните сертификати и најавата за квоти за увоз на челик во ЕУ.

„Ние за оваа работа дискутираме повеќе од една година со ЕУ. Не наидуваме на разбирање. Последно разговарав во декември во Брисел со комесарот за транспорт, Апостолос Цицикостас и со генералната директорка за мобилност и транспорт при Европската комисија, Магда Копцинска, при што се обидов најпластично да им пренесам дека ова што го прават ќе значи практично смрт за економиите во регионот, но исто така ќе значи и затворање на бројни странски инвестиции кои што функционираат во регионот, а кои што доаѓаат токму од земји членки на ЕУ“, рече Николоски.

Ден претходно Владата го задолжила Министерството за надворешни работи и надворешна трговија повторно да се обрати до Европската унија со барање да се одложат правилата за превозниците.

Неколку дена подоцна, во разговорот за Радио Лидер Николски му додаде нов интензитет на неговите разговори во Брисел. Во ова интервју тој ги оквалификува разговорите во Брисел како „жестоки“.

„Јас во декември имав жестоки размена на аргументи со надлежните во рамки на ЕУ, директно во Брисел. За жал, не најдов на разбирање и овие радикални мерки се единствен начин да се привлече внимание. Јас и владата имаме целосно разбирање за македонските транспортери, го разбираме нивниот револт, ги подржуваме нивните барања“.

По овие изјави тој отиде на граничниот премин Блаце кон Косово да му се придружи на бунтот на превозниците. И како да е дел од економскиот тим на Европската комисија, изјави дека Унијата „во принцип, има три решенија“ како да го реши проблемот. Па за да му додаде дополнителна дрматичност на неговото учество во буната на камионџиите тој рече дека правилата за престој во шенгенскиот простор ќе имаат големи последици не само за  македонската и за регионалната, туку и за европската економија.

Муцунски во гостувањето на Сител го сведе „гневот“, во некакви реални рамки, но и тој беше лут на ЕУ. Тој рече: „Овие правила не се насочени само кон нашата држава, туку се применуваат кон сите земји од Западен Балкан, земји кандидати и држави кои не се членки на ЕУ. Од септември активно комуницираме со Европската унија по двете клучни прашања – и за превозниците и за тарифите за челикот“, истакна Муцунски.

„Доколку се применат мерките за превозниците и тарифите за челичната индустрија, цената што ќе ја платиме ќе биде четири до шест пати повисока од средствата што би ги добиле од Планот за раст, дури и во најоптимални услови“, рече Муцунски. „Европската унија е свесна дека постои проблем и работи на изнаоѓање решение, но не сме задоволни од динамиката“. Тој ги спушти за неколку нивоа подолу апокалиптичните зборови на Николоски за можен колапс на македонската економија и се насочи само кон синџирите за снабдување. „Доколку Европската унија е искрена во намерата за интеграција на регионот, нема да дозволи примена на мерки кои толку сериозно ќе ја нарушат економијата и ќе предизвикаат колапс на транспортот и синџирите на снабдување“, порача Муцунски.

Премиерот Христијан Мицкоски вчера го спушти уште за некое ниво „гневот“ во владата велејќи дека, всушност, се работи за само 450 камиони од Македонија. Јавноста имаше претстава дека се работи за илјадници, бидејќи само со таква огромна бројка може да колабира македонската економија (како што заплашува Николоски), а проблем ќе има и европската економија. Според зборовите на Мицкоски, тоа биле „само“ 450 камиони.

Тој вчера прво потврди дека надлежен за решавањето на проблемот на камионџиите е Тимчо Муцунски и неговото министерство, а не вицепремиерот Александар Николоски. Па ќе ѝ се јавувал на Урсула фон дер Лајен, кога таа беше во Индија да го склучува историскиот трговски договор.

За вечерта, во интервју на ТВ21 да рече „450 камиони од Македонија не може да ја загрозат европската економија. Зарем 450 камиони од Македонија може да земат некому бизнис? Напротив, тие може да додадат вредност. ЕУ треба да покаже вистински како стои зад своите партнери и да ја повлече одлуката“.

Владата досега беше многу успешна во преговорите со ЕУ. Толку успешна што сме исфрлени од плановите за укинување на роамингот во блиска иднина, тарифите за челикот висат како меч над македонските металургиски комбинати. А од промената на преговарачката рамка и исфрлањето на условот за промена на Уставот нема ништо. Само дојде удвојување на пораките од Брисел дека тоа е првиот услов па после сѐ друго.

Во фонот на сето ова се гледа туркањето во владата, а и во врвот на партијата. Кој е поважен втор човек или трет. И Николоски и Муцунски го подготвуваат теренот за некоја „битка“ во иднина. Се разбира, околу наследното право во партијата. (Н.В.)